Вечерва се собраа основачите на навивачката група “Чкембари“ Битола, исто како пред некое време кога на два пати претходно, се собраа кога се прославуваше роденденот на навивачката група “Чкембари“, кога беше баклијата по реката Драгор и пред ракометниот натпревар од Лигата на шампиони, исто како и пред 40 години, но сега малку поискусни и повозрасни…Зборно место беше пред Офицерски дом во Битола каде се одржа Свечената академија по повод 80 години ФК Пелистер, каде направија заедничка фототрафија.
Потоа, како некогаш, пред 40 години поминаа “на бутки“ и се упатија на стадиониот под Тумбекафе или како сега се вика “Петар Милошевски“ и го бодреа својот тим, Пелистер, во пријателскиот натпревар против екипата на Динамо од Букурешт.“Чкембарите“ се вратија на матичната трибина, каде и го започнаа навивањето, а “ветераните“ се вратија над првиот влез каде порано, кога не беше изградена трибината, каде за прв пат го истакнаа трансперенот “Чкембари – ветерани“.
Тука на таа негогаш нова трибина, сега стара, се изгради новата од спротивната страна се собраа Јапано, Ице, Чалтоно, Васко, Вељата, Катангата… а пред Офицерски се појавија Ефто, Хондо, Крто…
Кире Божиновски – Катанга ќе биде запаметен како еден од пепознатливите водачи на “Чкембарите“, а некои повозрасни генерации го паметат и по сино-белиот дрес кој го носеше, а му беше подарок од Драган Канатларовски – Цапар, секако една од фудбалските легенди на ФК Пелистер, на овој натпревар не изржа за момент се најде заедно со помладите, кај Ширко и останатите и се потсети на некои изминати денови, за некој далечни, за некој блиски.
Кире – Катанга потсети дека навивачката група “Чкембари“ била дел од сите случувања во целиот општествен политички живот на Битола и Македонија и еден препознатлив бренд на градот.
-Сите сакаа да се дружат со нас, бевме урбаната авангарда на Битола, бевме патриотско здружение, а во него беше врвот на навивачката група “Чкембари“. Сите се жртвувавме, без искучок на никој, без разлика на тоа што работи сега секој на професионален план, само за успех на битолските клубови, кои го носат името Пелистер. А, сега, ние основачите и оние кои не наследија им го честитаме роденденот на фудбалскиот клуб Пелистер, не е малку да се слави 80 години, но, сите ние имаме иста желба да се освои титула и таа да се донесе во Битола, Битола тоа го заслужува, и сите да се радуваме заедно.
Кире Божиновски упати и емотивна видео порака во која ги спомнува и оние кои не се повеќе со нас.
-Честит 80 роденден на фудбалскиот клуб Пелистер. Основани сме на 40 годишнината од основањето на Пелистер, во 1985 година, а клубот е основан во 1945 година. Продолжуваме заедно и понатаму, се гледаме заедно и на 90 години ФК Пелистер, а ние тогаш ќе славиме “златен“ јубилеј, во 2035 година, 50 години навивачка група “Чкембари“. Како вчера да беше 1985 година, да, но продолжуваме понатаму, до вечноста…
Сашо Ристевски