Цедевита јуниор – Пелистер 94:76
Пелистер од Битола не успеа да стигне до позитивен резултат во првото коло од ФИБА Европа купот откако битолскиот клуб вечерва беше поразен во Загреб од Цедевита јуниор со убедливи 94:76. Хрватскиот тим покажа многу повеќе на теренот во арената „Дражен Петровиќ“, Пелистер имаше проблеми и со шутот од далечина и со скок-играта, ситуација во која не можеше да се стигне до изненадување вечерва во Загреб.
Домаќините го отворија мечот со брзо водство од 6:0, пред првите поени за Пелистер да ги постигне Андреј Митревски (6:2). Цедевита Јуниор за момент имаше 8:2, но Пелистер имаше одговор и во четвртата минута поведе со 8:9, прво водство на македонскиот тим на натпреварот. По ефикасниот старт се влезе во серија грешки на двете страни, Цедевита јуниор по осум минути игра водеше со 18:16, Пелистер израмни на 18:18 со забивањето на Ленгстон Вилсон, но хрватскиот тим подобро ја заврши четвртината, поведувајќи со 24:20.
Почетокот на втората четвртина мина во знакот на Стајиќ, кој најпрви асистираше до Вилсон, а веднаш потоа украде топка и рутински реализираше за 24:24. Повторно следеше период на грешки, а откако домаќинот поведе со 28:24 тренерот Даскаловски го побара својот прв тајмаут на мечот. Цедевита Олимпија имаше најубедливи 35:27, Митревски се врати на терен и постигна пет поени во низа, но следеше нов период на криза во нападот што домаќините го искористија и на одмор заминаа со 44:35, полувреме во кое домаќинот целосно доминираше под обрачите (26:13 во скокови).
Домаќините го отворија второто полувреме со тројка за 47:35, Пелистер одговори со четири поени во низа, но Цедевита јуниор ја задржа контролата над играта и резултатот, со тројката под фаул на Даниелс стигнувајќи до најубедливи „плус 13“ (56:43). Во 27. Минута хрватскиот тим поведе со 59-45, по што Даскаловски беше принуден да побара уште еден тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, хрватскиот тим издоминира до крајот на третата четвртина, во последните десет минути Пелистер влезе со негатива од 67:53.
Хрватскиот тим имаше контрола над резултатот, Пелистер само за момент намали на „минус десет“ (74.64), но следеше нова серија на Цедевита јуниор и разликата за две минути скокна на 20 поени (86:66). На крајот, хрватскиот тим славеше со убедливи 94:76 , за убедлив пораз од кој „пелистерци“ ќе мора експресно да извлечат многу поуки, за подобро да се претстават во ова европско натпреварување.
Прв стрелец на Пелистер во овој пораз беше Ленгстон Вилсон со 17 поени и 12 скокови, а двоцифрен ефект имаа уште и Митревски со 13, Си-Џеј Вилсон со 11 и Малешевиќ со 10 поени.