Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола ја одржа традиционалната манифестација „Дефиле на Широк Сокак“, која се организира од 2007 година. Темата на годинашното Дефиле беше „СТОП за маргинализација и раслојување“.
-Дефилето на лицата со телесен инвалидитет не е протест, туку манифестација со која ја запознаваме средината во која живееме и институциите на системот со проблемите со кои се соочуваме. Оваа година сме фокусирани на маргинализацијата на лицата со телесен инвалидитет која зазема се поголем интензитет и замав. Во севкупната апатија што се случува во општеството, дополнително се маргинализираат и нашите членови со раслојување и други ангажмани на лицата со инвалидност.
-Жално е што овие лица ги ангажираат во политички партии, во мали групи или поединци со што се ослабува единството на големите национални сојузи. Со оваа појава им се овозможува на институциите да бидат глуви, слепи и неми за нашите барања, рече прим. д-р Нико Јанков, претседател на здружението.
Тој додаде дека денешна порака има двојна улога – една е за лицата со телесен инвалидитет што повеќе да се вклучуваат во Здружението, а другата до институциите да не ги маргинализираат лицата со телесен инвалидитет.
Традиционално, вториот дел од настанот вклучуваше работилница, овојпат на тема „Плетење со чингелаќе“, која се организираше во ресторанот „Корзо“, на иницијатива на членките Симона Јовеска и Билјана Тодоровска.
-Креативната работилница „Плетење со чингелаќе“ е составен дел на серијата работилници што ги организира „Мобилност Битола“, на кои се изработуваат обетки, накит и други ракотворби. Ние можеме и заеднички да плетиме и затоа набавивме разбој за плетење и успеавме бидејќи нашите членки исплетија шал и други производи. Но, најважна ни беше волјата на членовите да пробаат нешто ново и што е најважно се дружевме. Плетењето како плетење не е сувопарно, напротив бегаат мислите, смирува или како што некој рекол – затоа што престанавте да плетите, затоа сте нервозни! Добро е да се плети бидејќи придонесува за смирување на целата психофизичка состојба, добро е за моториката на рацете, едноставно плетењето е јога за мозокот, рече Билјана Тодоровска.
За придобивките од плетењето говореше и проф. д-р Сашо Кочанковски, психолог и гешталт-терапевт.
-Работилниците се корисни за лицата со физичка попреченост, а придобивките од плетење се големи. Нашите истражувања потврдија дека плетењето го подобрува крвниот притисок, се зголемува вештината на прстите и рацете, ја намалува хроничната болка, а од ментален аспект плетењето овозможува насочување на активностите и оттргнување на мислите од негативен амбиент. Плетењето го стимулира лачењето на серотонинот и допаминот кои овозможуваат радост, среќа и успех, го намалува стресот и отстранува анксиозност. Плетењето од социјален аспект овозможува активност во група за поддршка каде учесниците работат заедно, меѓусебно се охрабруваат, а со производите од плетење може да придонесат во заедницата, да донираат на лица на кои им се потребни шалови, блузи, чорапи, ракавици, рече Кочанковски.
На настанот учествуваа пријатели и членови на „Мобилност Битола“, како и членови на здруженијата „Мобилност Куманово“, „Мобилност Штип“ и „Мобилност Кочани“. Присутни беа и членки на ЗУР „Македонски ракотворби“, кои со големо задоволство се вклучија во работилниците на „Мобилност Битола“ во улога на обучувачи.

Дефиле на Широк сокак во Битола и работилница на “Мобилност Битола“ (фотогалерија)
More from ВестиMore posts in Вести »
- Од 27 ноември во Битола 17. издание на Фестивалот на музика од светот
- СВР Битола: опожарено “пежо“, кражба од такси возило, приведување за напад на сопруга, нарушување на ред и мир, агресивно однесување кон полицајци
- Младите битолчани во трката за 1.000.000 денари – гласај и поддржи ги нивните идеи!
- Измамите не запираат, СВР Битола со АПЕЛ до граѓаните да не наседнуваат на телефонски измами за лажни сообраќајни несреќи
- ФК Пелистер ги прекинува институционалните односи со ФК Вардар




