На 79 годишна возраст во Битола, по кратко боледување, почина димп. арх. Димитар Ивановски – Митац.
Димитар Ивановски е роден во Битола, се школувал во родниот град, а градежен факултет заврши во Скопје. Во својот работен век прво работел како професор во Долната гимназија “Брача Миладиновци“ во Битола.
Најголем дел од својот работен век помина во Заводот за урбанизам во Битола, каде работел, планирал и изработил голем број на капитални објекти во Битола и во Македонија, во индустријата, образованието и други објекти.
По затворање на Заводот за урбанизам својот раборен век го продолжи во своето архитектонско биро, каде се потврди како голем познавач на неговата дејност и изработи голем број на градежни проекти не само во Битола, туку и пошироко.
Ивановски беше дел од раководниот кадар на Индустриската зона “Жабени“ која се планираше, градеше и отвори фабриката “Кромберг и Шуберт“ во Битола.
Ивановски има значаен придонес и во политичкиот живот на Битола, во кој учествуваше повеќе од дваесетина годинаи. Бил дел од претседателството на Извршиот совет на Општина Битола, а еден мандат беше советник во Советот на Општина Битола.
Димитар Ивановски – Митац битолчани ќе го паметат и како голем вљубеник во спортот. Долги години бил на чело на скијачкиот клуб Пелистер од Битола, кога голем број млади скијачи постигнаа значајни резултати, и бил дел од тимот кој ја проектираше и ја постави жичарницата на ски-патеката “Бегова Чешма – Копанки“ на Пелистер.
Ивановски беше и голем симпатизер на битолските клубови кои го носат името Пелистер и со голема љубот ги следеше натпреварите на фудбалерите, ракометарите, кошаркарите…
За многумина повозрасни битолчани, а и за мене, Митацо е еден од најградските битолчани, не само бидејќи е роден во строгиот центар на Битола, во куќата која е срушена да се изгради хотел “Епинал, туку и за своето градско, еснафски, битолско однесување и однос кон сите, без љубомора, навреди…
Тој беше горд на тоа, а секогаш кога ќе го пиеше своето секојдневно кафе со пријателите со посебни емоции зборуваше и присетуваше на неговата родна куќа, на местото каде го пиеше кафето. А беше посебно задоволство да се пие кафе со Митацо, беше пријател и соговорник, кој посебно ја сакаше Битола, ги познаваше и раскажуваше за сите познати битолчани од пред 50-60 години, а раскажуваше и голем број на анегдоти и сеќавања за Битола и битолчани.
Митацо како ретко кој човек, во ова време, беше ведар, насмеан и пријатен за разговор и дружење, како вистински битолчанец имаше огромен круг на пријатели на кои многу ќе ни недостига во “Епинал“, “Равена“ или “Пајтон“, а споменот кај Калица, Бајче, Васко, Папало, Живко… кај мене, со кои го пиеше кафето ќе биде вечен.
Опелото ќе се изврши утре, понеделник, 10 октомври, во црквата “Св. Димитрија“ во Битола во 12 часот, а погребот во 13 часот на “Светонеделските гробишта“.
Сашо Ристевски










