Тренерот на Еурофарм Пелистер од Битола – Рубен Гарабаја, ги изнесе своите очекувања за денешниот предизвик против ПИК Сегед, во рамки на седмото коло од Лигата на шампионите на ЕХФ, во кое “пелистерци“ ќе се обидат да ја запишат втората победа.
Унгарскиот претставник во Битола доаѓа со фаворитската улога, а Рубен Гарабаја за вечерашниот натпревар вели:
-Ни следи нов тежок меч во Лигата на шампионите, Сегед е одличен тим со неверојатни играчи на сите позиции. Одбраната им е гранитна, шутираат од секаде, особено од далечина. Во екипата е еден одличен голман и можеби едно од најдобрите крила во натпреварувањето, но ние ќе се обидеме да им ги поматиме сметките. Се надевам дека тимот наскоро ќе биде комплетен, тоа ќе биде одлично за нас. Против ПИК Сегед ќе го дадеме нашиот максимум, мојата порака до фановите е дека ќе видат борбен тим со желба за победа.
Натпреварот против ПИК Сегед ќе се одигра на 12 ноември во 20:45 часот.










