Press "Enter" to skip to content

Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола одбележува 15 години постоење

Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола, на 12 февруари 2026 ја одбележа 15 годишнината од своето постоење. Во целодневната роденденска радио-програма голем број соработници на радиото, поранешни и сегашни студенти, професори, пријатели, редовни слушатели, го искажаа своето задоволство од постоењето на оваа иновативна образовна и комуникациска платформа, која успешно се интегрира како медиум во академскиот процес.Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски нагласува дека УКЛО ФМ е едно од ретките универзитетски радија во државата, ја има целосната поддршка од менаџментот на Универзитетот.

-Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола, на еден неинванзивен начин, константно ги информира нашите студенти, професори, но и пошироката јавност за случувањата на Универзитетот, за можностите што ги дава Универзитетот, достигнувања на нашите студенти и вработени, фактички информира за сè она што го претставува животот на Универзитетот. Истовремено е и своевиден хроничар на сите позначајни настани на УКЛО, вели ректорот Неделковски.-Низ УКЛО ФМ во овие 15 години, како соработници кои подготвуваат свои авторски емисии, минале над 150 студенти од едниците на УКЛО, кои тука стекнале дополнителни знаења и вештини кои се од исклучително значење за нивниот академски и професионален
развој, истовремено добивајќи и сознанија за важноста од одговорното информирање и стекнување на самодоверба при јавен настап. Да не ги заборавиме и средношколците и основците кои биле дел од УКЛО ФМ, што е уште една потврда дека секогаш смe отворени за сите оние кои сакаат да ја почувствуваат магијата на радиото и радио водителството, посочува главниот и одговорен уредник на УКЛО ФМ-Битола, м-р Соња Тантарова Груеска.

Бројот на студенти, професори, значајни личности од земјава и странство, граѓани кои застанале пред микрофоните на УКЛО ФМ споделувајќи информации важни за академската и пошироката јавност е далеку поголем, потврдува и тонскиот реализатор Љупчо Цветковски.Сето ова, само ја потврдува потребата од постоење на овој медиум преку кој се зајакнува и мисијата на Универзитетот, односно неговата општествена ангажираност.

Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола, како локално радио, eмитува сопствена 24/7 информативна едукативно-забавна програма на фрекфенцијата 90,8, која преку серверите на УКЛО, може да се следи и он-лајн на http://uklofm.uklo.edu.mk . Oпфатни се сите области на живеење на студентите, кои преку овој медиум се информираат за настани што се случуваат на нивните факултети, но се запознаваат и со уметноста и литературата, со случувањата од областа на културата, екологијата, технологијата, здравиот начин на живеење, спортот. Одличниот избор на музика е секако негов заштитен знак препознаен од пошироката слушателска публика, која со право го нарекува и градско радио на Битола.

Како медиум на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, радиото е гласник и на европската универзитетска алијанса КОЛОРС  https://uklo.edu.mk/colours/ , промовирајќи вредности на соработка, интеркултурен дијалог, општествена одговорност – медиум што создава гласови, гради личности и поврзува генерации.

Упатуваме желба да се слават уште многу годишнини, со уште повеќе нови емисии и го честитаме роденденот на Универзитетското радио УКЛО ФМ.

More from ВестиMore posts in Вести »