Press "Enter" to skip to content

Во поезијата на Љупчо Петровски, сега во Австралија, се чувствува носталгијата, но и гордоста што ја носи со себе

Дваесет години далеку од Македонија не беа доволни за да избледи чувството на припадност кај Љупчо Петровски. Роден во Новаци-Битола (1978), а сега жител на Австралија веќе две децении, тој ја носи татковината не како спомен, туку како секојдневна внатрешна состојба – нешто што се живее, а не само се памети.

-Токму од таа дистанца се родија и моите две поетски книги, како потреба, а не како амбиција. Потреба да се задржи врската со коренот, со јазикот, со луѓето и со вредностите што не избледуваат, без разлика колку далеку оди човекот, вели Љупчо Петровски.

Во своите песни, Петровски често се навраќа на родниот крај, Новаци, Битола и Мариово, кои ги доживува не само како место на потекло, туку како дел од својот идентитет. Во нив се чувствува носталгијата, но и гордоста што ја носи со себе, без разлика каде се наоѓа.

Посебно место во неговата поезија има семејството. Мајката и таткото се претставени како најголема поддршка и вредност, додека домот останува симбол на сигурност и припадност. Преку овие мотиви, неговите стихови стануваат блиски и препознатливи за многу читатели.

-Животот во Австралија, како што се отсликува во моето творештво, носи нови можности, но и чувство на оддалеченост од родното. Токму затоа, мојата поезија претставува начин да ја одржи врската со Македонија и со сè она што го обликувало како човек, вели Љупчо.

Неговите книги се сведоштво за љубовта кон татковината, но и за реалноста на многу наши иселеници кои живеат далеку од дома, а сепак остануваат силно поврзани со своите корени. Со своето творештво, Љупчо Петровски го претставува Новаци и битолскиот крај и надвор од границите на државата, покажувајќи дека љубовта кон родното место не згаснува, без разлика на далечината.

Даница Среткоска 

More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »