По повод празникот Рамазан Бајрам во Битола утринска и бајрамска молитва се одржа денес рано во сите џамии, каде присутвуваа голем број на верници, на која муфтијата Амит Расими имаше обраќање до верниците во Битола, кој во своето излагање и честитка за Фитр Бајрам 2026/1447Х рече:ж
-Во името на Аллах, Милостивиот, Семилосниот. Почитувани верници, браќа и сестри. Со срца исполнети со вера и надеж во наградата од нашиот Создател, среќни и благодарни, ја дочекуваме благословената празнична радост на Фитр Бајрам. Овој благословен празник е голем ден за секој верник. Тоа е ден кој го крунисува нашиот едномесечен труд и жртва за зајакнување на духовниот живот и исполнување на верските обврски. Тагата по заминувањето на овој благословен гостин се покрива со чувството на задоволство и радост поради исполнувањето на упатствата на Аллах, кој нè учи да ја прочистиме нашата душа.
Затоа, нека овој ден биде ден на радост за сите нас!
-Аллах нека го прифати нашиот пост и сите ибадети од месецот Рамазан. Во мое име и во името на сите вработени во Муфтиството на ИВЗ – Битола Ви упатувам најискрени честитки: Нека е честит Фитр Бајрам, да го дочекате во радост и мир покрај вашите најблиски уште многу години!
Инаку, од денес, по триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен Рамазански Бајрам, кој се смета за голем празник во исламот.
Рамазан е еден од петте столба на исламот, покрај верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Месецот на Рамазан е време на пост, молитва, солидарност и милост, во кој муслиманските верници целодневно се воздржуваат од конзумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела.
Постот почнува со изгрејсонце (суфур) и трае до зајдисонце (ифтар). Јадење и пиење се дозволени во текот на ноќта, а од пост се ослободени децата, бремените жени, доилките и болните.






