Press "Enter" to skip to content

Пелистер три четвртини беше подобар, последната и победата за ТФТ

ТФТ – Пелистер 99:84

Пелистер од Битола не успеа да ја продолжи победничката серија во Супер-лигата откако „зелено-белите“ вечерва беа поразени на гостувањето против ТФТ со резултат 99-84. Конечниот исход не е реална слика за случувањата на теренот ако се знае дека Пелистер три четвртини беше и подобар противник на теренот, но слабата трета четвртина што противникот ја доби со 31-13  се покажа пресудна овој дуел да го завршиме со негативен резултат.

ТФТ беше за нијанса подобар само во почетните минути, но Пелистер предводен од Малешевиќ не само што се врати, туку и ја презеде контролата врз резултатот. Џенкинс погоди за прво водство од 14-15 а потоа во ритам влезе и Брејси Дејвис, па „зелено-белите“ стигнаа и до предност од 22-28.

Првата четвртина заврши 26-30 за Пелистер, како најава за уште подобра игра во голем дел од вториот период. Дамјан Крстевски блесна со две тројки за краток период, а Малешевиќ беше играчот што донесе прво двоцифрено водство на битолчани (27-38). Прецизен од далечина беше и Брејси Дејвис за најубедливи плус дванаесет (33-45), но Пелистер се соочи со криза во нападот во последните четири минути од полувремето, што домаќините го искористија за да намалат на 41-45, резултат со кој се замина на одмор.

ТФТ влезе во егал на самиот старт од третата четвртина, но Ленгстон Вилсон имаше одговор, постигна 11 поени и го врати Пелистер во водство. Со двете слободни фрлања на Брејси Дејвис битолани се вратија на плус пет (61-66). Крстевски ја погоди и третата тројка на натпреварот за 66-71, по што Пелистер во последните десет минути влезе со предност од 68-71.

Почетокот на четвртата четвртина мина во знакот на домашните кошаркари кои погодија неколку тешки шутеви од далечина, па тренерот Даскаловски беше принуден да побара тајмаут при негатива на својот тим од 78-74. Мини-кризата продолжи, ТФТ поведе и со 82-74 пред Брејси Дејвис да погоди од поле, но по најновата лесна реализација на домаќините Даскаловски мораше да земе уште еден тајмаут во обид да го разбуди својот тим. Кризата во нападот продолжи, Пелистер постигна само пет поени во првите шест минути од клучната четвртина, па ТФТ продолжи да доминира до самиот крај триумфирајќи со конечните 99-84.

Ленгстон Вилсон беше најрасположен во таборот на Пелистер со 21 поен и 10 скокови, Брејси Дејвис имаше 20 поени, Малешевиќ имаше 14, а Крстевски 11 поени за „зелено-белите“.