Божик уште го нарекуваат празник на семејството. Традицијата, сплотеноста, скромноста се најзначајни. За семејството Христови овие празници имаат големо значење и така и ги прославуваат.
Уште со влегување во нивниот двор Божиќна бајка… звуци на тивка божикна песна, украсени елки, пештерата каде е роден Исус Христос со слама, осветлена…. се чувствувате за миг како да сте во Витлеем, во ноќта на Христовото раѓање.
Понатаму со влегување во домот секој дел украсен и осмислен така да секој украс се вклопува во свечениот амбиент, а големата елка украсена со преубави лампиони кои се наредени со толкава симетрија така да секој лампион, како бисер, е на свое место.
Подолго време пред празниците куќата се уредува и украсува на посебен начин ни кажа домаќинката на куќата Марика Христова која е и најзаслужна за се тоа да изгледа како Божикна и новогодишна бајка. Интересно е што таа секоја година го осмислува и украсува домот на различен начин, а и оваа година домот им е посебна новогодишна и божиќна приказна.
Сопругот, Михајло Христов, е тука со неа да ги реализира нејзините креативни замисли во врска со сијаличките и електричното поврзување, тој трпеливо и со голема љубов е покрај неа и и помага дизајнот да добие магичен, блескав изглед.
-Сигурно има повеќе од 1.000 сијалички, од кои најмногу на големата елка која го зазема и централното место во домот и декорирањето околу неа, ни кажа Марика и продолжи:
-Од како ја купивме пред 12 години секоја година таа добива различен дизајн кој го осмислувам во мојата глава пред украсувањето, но може да се случи да добијам некоја идеја и повторно да започнам од почеток за да добие вистински изглед. Околината и другите делови од куќата се исто така добро осмислени. Моите две ќерки, Маргарите и Мелина, се тука со мене и ми помагаат во се, но најповеќе во купувањето на украси секаде од каде патуваат. Оваа година сите многу се израдуваваме со големиот Дедо Мраз, со многу весело лице и насмевка, со висина од 1,60 метри, се вклопи во амбиентот, но и внесе радост во нашиот дом.
Марика Христова ја искористи и приликата да им посака честит Божик на сите и радоста и среќата на сите да продолжат во текот на цела 2019 година.
Христови беа многу љубезни домаќини, а низ фотографиите можете да почуствувате дел од Божикната и семејна идила на ова старо битолско семејство, кое во оваа куќа, на ова место, на само десетици метри од Широк Сокак, живее од далечната 1925 година.
Жанета Ристевска






