Со изградбата на далноводот Битола – Елбасан стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето камен-темелник за изградба на 400 киловолтен далновод, долг околу 100 километри, од ТС „Битола 2“ на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница.
Поставувањето на камен-темелникот на 400 kV интерконективен далекувод меѓу Северна Македонија и Албанија го означува рестартот на проектот кој е од стратешко значење за енергетската стабилност и регионалната интеграција. Проектот е дел од паневропскиот Коридор 8, кој ќе овозможи директно поврзување на електроенергетските системи на двете земји, зголемување на сигурноста во снабдувањето и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија.
-Денес не зборуваме само за еден инфраструктурен проект. Денес зборуваме за нешто многу поголемо – за поврзување, за стабилност и за иднината на двете држави во рамките на европското енергетско семејство. Интерконективниот далекувод Битола–Елбасан не е обичен далекувод. Тој е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Денес, со овој проект, таа празнина конечно се затвора. Со изградбата на овој 400 киловолтен далекувод, долг околу 100 километри, ја воспоставуваме последната енергетска врска којашто недостасува со нашите соседи. За првпат, стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи. Тоа значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој. Во енергетиката нема изолирани системи. Нема затворени кругови. Секој систем дише заедно со другите. Токму затоа, оваа интерконекција не е само национален проект – таа е дел од европската енергетска мрежа. Таа подразбира баланс, сигурност и способност да интегрираме нови извори на енергија, посебно фокус ставаме на обновливите, кои се иднината. Но, овој проект не беше лесен. Напротив – беше еден од најкомплексните со кои што сме се соочиле. Кредитот бил обезбеден уште во 2015 година. Договорот потпишан во 2020 година. А реализацијата – речиси непостоечка. Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. Далекуводот Битола – Елбасан ја затвора енергетската празнина.За првпат стануваме целосно поврзани со сите соседни електроенергетски системи. Тоа значи повеќе сигурност за граѓаните и стабилност за стопанството, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
-Оваа интерконекција не е само кабел, столб или далекувод. Оваа инфраструктура е мост на доверба, пример како две земји можат да градат нешто што е добро и за нив, но и за целиот регион. Соработката меѓу Северна Македонија и Албанија во енергетиката е природна, неопходна и далекувидна. Нашите системи можат да се надополнуваат, нашите ресурси можат да создаваат синергија, рече генералниот директор на АД МЕПСО, доц. д-р Бурим Латифи.
Потсетувајќи на причините кои го блокираа проектот со години и напорната работа истиот да се возобнови, Латифи додаде:
-Затекнавме целосно закочен проект. За четири години проектот не бил реализиран ниту 4%. Следствено, ги идентификувавме слабите точки, ги елиминиравме административните бариери и за кусо време го претворивме овој проект од проект на хартија во проект на терен. Оваа инвестиција што долго време беше блокирана, конечно се рестартира и влегува во својата најважна фаза – фаза на изградба.
Нагласувајќи ја важноста на проектот за регионалната поврзаност, министерот за енергетика на Република Албанија, Енеа Каракачи, рече дека ова е инвестиција во заедничката безбедност, развој и европска интеграција. Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ, Нупнау Бен, посочи дека со инвестирање во овој проект и со поддршка на прекуграничната енергетска поврзаност, се обезбедува не само енергетска сигурност на Северна Македонија и Албанија, туку и на ЕУ.
„Во овие турбулентни времиња на геополитички промени, повеќе од кога било мораме заеднички да продолжиме да градиме вистинска унија преку зајакнување на мрежите, развој на обновливи извори, изградба на интерконекции и интеграција на пазарите со цел да го зголемиме снабдувањето со енергија од чисти, зелени и домашни извори.“
Овој проект воспоставува нов енергетски мост меѓу регионот и Европа, со значајни економски и развојни придобивки, рече претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу. За овој стратешки проект ЕБОР веќе обезбеди заем во износ од 37 милиони евра за МЕПСО и мобилизираше дополнителен инвестициски грант од 12 милиони евра преку инвестициската рамка на Западен Балкан.
Почетокот на изградбата на интерконективниот далекувод од ТС Битола 2 преку ТС Охрид до македонско-албанската граница е стратешка основа за новата енергетска карта на нашата земја, рече министерката за енергетика Сања Божиновска.
„Ова што денеска го започнуваме ќе трае многу подолго од еден мандат, од една генерација или од еден економски циклус. Ние ја поставуваме инфраструктурата што ќе ја користат идните производни капацитети, новите индустрии, дигиталните платформи, податочните центри и генерациите што доаѓаат. Затоа верувам дека денешниот ден ќе биде запишан како важна точка во развојот на македонската енергетика“, рече таа.






