Битола беше домаќин на едно од најавтентичните и најживи независни културни случувања годинава. „Женски Земјотрес“, специјалното издание на фестивалот „Земјотрес“, низ три различни простори и три различни формати, донесе музика, разговори, идеи и енергија што ретко се случуваат на едно место.
Фестивалот започна со дневен матине настан во Café Tigre, каде што публиката низ музичкиот сет на NastasyaKish, разговори и опуштена атмосфера, влезе во ритамот на фестивалот.
Во ревитализиран индустриски објект кафе Тигре создава современ урбан простор кој нуди добра атмосфера, забава и локални производи, кој специјално за “Женски Земјотрес“ беше „облечен“ во боите на фестивалот. Музичкото дневно матине беше одличен вовед во програмата која следеше.
Во Кино „Браќа Манаки“ се одржа дискусијата „Женски гласови во независната музичка сцена“, модерирана од Виолета Качакова, со учество на Дина Јашари, Марија Каева, Елена Васова и Теодора Василевиќ. Наместо класична панел-дискусија, разговорот отвори повеќе теми поврзани со позицијата на жените во музиката и независната сцена дома и надвор од земјата, нивната видливост, предизвиците што ги носи професијата во личниот простор, потребата постојано да се докажуваш во нови и постоечки средини, но и важноста на соработката, солидарноста и меѓусебната поддршка помеѓу сцената и публиката.
Една од значајните поенти што произлезе од разговорот беше дека независната музичка сцена носи посебни предизвици но и став во кој авторството и автентичноста е поважна од трендовите и алгоритмите, и во неа без разлика на родовата припадност, доколку насочено, посветено и професионално се работи, има можност да се развива.
Фестивалот кулминираше со вечерниот концерт во Пациото на Завод и Музеј Битола, каде под отворено небо настапија дел од најистакнатите и најинтересни македонски музичарки, претставнички на независната сцена со своите бендови и музички соработки.
Настапите на АТА, Дина Јашари, Prince$$ Donatsu, Елена Васова и Корка создадоа моќна и музички издржана атмосфера на европски niche фестивал, во совршениот амбиент на прекрасниот културен споменик.
Со нова авторска музика, изданија и професионална изведба на сцената, Женски Земјотрес Битола покажа дел од квалитетот со кој изобилува сцената, кој овој пат доаѓа од нејзините женски гласови. Со „Женски Земјотрес“, Битола доби фестивал што не се обидува да биде масовен по секоја цена, туку внимателно гради сцена, публика и културен простор во кој музиката, разговорот и заедницата функционираат заедно.
Фестивалот беше реализиран од „Земјотрес“, во соработка со локалниот партнер We Pretend it’s a city и МИДС Битола. Женски ЗЕМЈОТРЕС Битола – фестивал на свежа домашна музика е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.











