Во просториите на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа промоцијата на книгата “Четворката на светлината – современи митови за храброст, добрина и чудесни патешествија“ од авторот Игор Трајковски – Фоја, дело поддржано од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес.
Настанот помина во исклучително топла и инспиративна атмосфера, во присуство на бројна публика, љубители на литературата, млади читатели, професори, уметници и пријатели на авторот.
Промоцијата ја отвори Гордана Такец, рецензент на книгата, која во своето обраќање се осврна на значењето на современите текстови за деца и млади кои носат позитивна порака и влијаат врз обликувањето на карактерот кај младите генерации. Таа истакна дека особено уживала во улогата на рецензент на ова дело и дека книгата ја препрочитала неколкупати, откривајќи нови слоеви при секое читање.
-Ова е книга што не припаѓа само на една возраст. Таа комуницира и со децата и со возрасните. Во неа има светлина, топлина и еден современ јазик што ретко се среќава во нашата литература, посочи Такец, препорачувајќи ја книгата „на секој денешен читател, без разлика на возраста“.
Потоа следуваше излагањето на Марјан Тасевски, професор по македонски јазик и литература, кој во своето детално и слоевито осврнување кон делото говореше и како познавач на македонскиот јазик и литература, но и како долгогодишен пријател на авторот. Тасевски особено се задржа на симболиката и длабочината на ликовите, нарекувајќи ги:
„каменестиот од, пламениот поглед, ветровитата мисла и водоносниот живот“. Во своето обраќање тој истакна:
-“Четворката на светлината“ на Игор Трајковски – Фоја е дело кое во себе ги вклучува сите познати и истакнати мотиви во издигнувањето на човештвото. Тоа ја оплодотворува симбиозата на вечните елементи чија магична моќ се испреплетува со магичноста на зборовите во овој, би рекол, магичен текст.
Тасевски додаде дека токму преку овие приказни авторот отвора простор за враќање кон исконското, кон архетипот, кон заборавените вредности и човечката духовност. „Светот на Петар, Марко, Лидија и Филип е вистинско навраќање кон целината, кон мозаикот од кој денешниот човек постепено се оддалечил“, нагласи Тасевски.
По неговото излагање, пред присутните се обрати и Сашо Огненовски — писател, театарски критичар и комуниколог, кој направи интересна споредба помеѓу ова дело и култниот роман „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери. Огненовски се осврна и на традицијата на македонската литература за деца и млади, истакнувајќи дека вредноста на ова дело лежи токму во неговата едноставност и способноста сложените теми да ги претстави на пристапен и длабоко емотивен начин и рече:
-Да се пишува за овие теми едноставно — не е воопшто едноставно“. Има автори кои создаваат книги, и автори кои создаваат светови. Игор е токму во оние вторите.
Пред присутните се обрати и авторот Игор Трајковски – Фоја, кој им се заблагодари на посетителите за нивното присуство и поддршка.
-Публиката е таа што му ја дава светлината и насоката на секое дело“, истакна Трајковски.
Тој упати посебна благодарност до Марјан Тасевски за неговото суштинско и слоевито читање на текстот, нагласувајќи дека токму луѓето кои имаат постојан контакт со младата публика најдобро можат да ја почувствуваат вредноста на ваквите дела. Кон Сашо Огненовски, авторот изрази особена благодарност за споредбата со „Малиот принц“ и со Антоан де Сент Егзипери, автор „кој не создава само книги, туку создава светови“.
Во своето завршно обраќање, м-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, изрази особено задоволство што токму библиотеката има можност да биде домаќин на третата промоција на книга на Игор Трајковски – Фоја, со што, како што истакна, авторот се вбројува меѓу најплодните современи творци во државата. Таа му посака уште многу успешни дела и нагласи дека особено ја радува фактот што во просториите на библиотеката се промовира книга наменета за деца и млади — токму публиката која претставува еден од клучните фокуси во стратегијата за културно и образовно делување на оваа институција.
Во рамки на настанот беа изложени и авторски графики и илустрации од книгата, дело на самиот автор, кои визуелно ја надополнуваат наративната структура на книгата и создаваат дополнителен слој на читање и доживување.
Промоцијата заврши со разговори со публиката, фотографии и голем интерес за самото дело, кое уште со своето прво претставување остави впечаток како едно од позначајните современи дела за деца и млади во македонската литература.
Сашо Ристевски











