Press "Enter" to skip to content

МКЦ Битола со прв форум на тема „Прибирање на мислења на заедницата за енергетската транзиција, преквалификација и локален развој“

Младински културен центар ‒ Битола го организираше првиот форум „Прибирање на мислења на заедницата за енергетската транзиција, преквалификација и локален развој“.

Форумот се однесуваше на прибирање на мислењето од заедницата и засегнатите страни и нивните препораки во врска со енергетската транзиција, преквалификација и локален развој. Истиот имаше за цел да отвори простор за дијалог меѓу граѓаните, институциите, граѓанските организации, експертите и засегнатите страни за предизвиците и можностите што ги носи процесот на праведна транзиција, особено во контекст на иднината на РЕК Битола и развојот на нови одржливи економски модели.Настанот започна со воведни обраќања на д-р Сашо Додовски од МКЦ – Битола, кој го претстави проектот и целите на форумот, како и фасилитаторот Рубин Николоски, кој го презентираше начинот на работа.

Во воведното излагање беше даден осврт на актуелната состојба со РЕК Битола, Годишниот план за имплементација на праведната транзиција 2026 и Визијата за развој на Битола.Централниот дел од форумот беше предвиден за работа во три тематски групи: енергетска транзиција, преквалификација и вработување и локален економски развој.

На настанот присуствуваа учесници од четирите општини опфатени со проектот: Битола, Демир Хисар, Новаци и Могила. Учесниците дискутираа за очекувањата и загриженостите на заедницата поврзани со затворањето на РЕК Битола, потребите од нови вештини и програми за обука, како и можностите за развој на зелени работни места, инвестиции и нови индустрии во регионот.Од заклучоците и препораките од Форумот ќе се креира Нацрт-извештај „Community Voice Report“ што ќе ги рефлектира приоритетите и препораките на заедницата.

Вториот форум што ќе се случи во јуни ќе биде преглед и потврдување на Нацрт-извештајот дека точно ги рефлектира приоритетите и препораките на заедницата. Дел од препораките од Нацрт-извештајот ќе се презентираат пред Министерството за енергетика за да се инкорпорираат во Годишниот план за праведна транзиција за 2027 година.

Настанот се случи како дел од активностите на проектот „Гласови за праведна транзиција“ на МКЦ ‒ Битола. Проектот „Гласови за праведна транзиција“ има за цел системски да придонесе кон праведна транзиција и декарбонизација преку структурирано јакнење на капацитетите на локалните чинители во општините Битола, Новаци, Могила и Демир Хисар.Проектот е финансиран од Европска комисија, а е поддржан како субгрант во рамки на проектот спроведуван од: Белградска отворена школа во партнерство со Центар за истражување и информирање за животна средина „Еко Свест“ Скопје со име „Патоказ на Зелената Агенда – Овластување на граѓанското општество да го поддржи развојот на климатски неутрални и отпорни економии на Западен Балкан“.

„Овој материјал е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија. За неговата содржина одговорност има исклучиво Младински културен центар  Битола и истиот неопходно не ги одразува ставовите на Европската Унија.“

 

More from ВестиMore posts in Вести »