Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Цвета Павловска

Вечерва во Битола на 83 годишна возраст, ненадејно почина Цвета Павловска, доајен на македонската музика.

Цвета Павловски, родена е 17 октомври 1943 година во Битола, каде работеше и живееше се до својата смрт.

Цвета, битолчани ќе ја паметат како доајен на македонската музика која заедно со својот сопруг Петар, за кои велеа дека нивниот дует и нивната љубовта се врсници.

Двајцата снимија околу шеесетина песни, а најпозната им е песната “Цветините очи черешови, сношти ги видов расплакани“ која е напишана за Цвета, а преубаво и со многу емоции ја испеаја двајцата. Иако песната е авторска, сепак е прифатена кај народот и некои ја нарекуваат народна.

Двајцата ги испеаја и ги снимија, и ги оставија за вечност и познатите македонски песни “Ах, каде е мојто либе“, “Те видов и се заљубив“, “Дали думаш либе“… кои тие први ги ставија на носач на звук и до ден денес се пеат. Секако имаат снимено и голем број на други песни.

Сите овие песни повозрасните битолчани го слушаа преку брановите на тогашното “Радио Битола“, каде и се запознаа, а таму, напоредно со љубовта кон музиката, се роди и нивната љубов, која ја крунисаа со брак и две деца, а траеше 62 години. Во 2022 година прославија и голем јубилеј, 60 години брак, каде и пред публика за последен пат ја испеаја “Цветините очи черешови“. Петар почина пред две години, во 2024 година.

Дуетот Цвета и Петар Павловски настапуваа и на радио брановите на Радио Скопје, а имаа снимано песни и за познатата југословенска продукциската куќа “Југотон“. 

Цвета Павловска имаше заврешо текстилно училиште и работеше како моделар во фабриката за кожни производи “Иднина“ која битолчани ја паметат и како “Горната Иднина“. А, повозрасните битолчанки, знаеја да кажат, е некои и сега ќе кажат, дека Цвета имаше и префинет вкус за мода.

Опелото и погребот на Цвета Павловска ќе се одржат утре во Битола. Телото ќе биде изложено во црквата “Петар и Павле“ во “Буковски гробишта“ во Битола од 11 до 13 часот, а погребот ќе биде во “Буковските гробишта“ во 13 часот.

More from ВестиMore posts in Вести »