Тони Наумовски од Битола е овогодинешниот добитник на престижната награда „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот за 2026 година, на петтото јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.
-Секое признание значи, исполнува, мотивира, обрзува и е привилегија посебно кога тоа признание доаѓа од дома. Мето Јовановски е голем мајстор кој што играше во лига на светски шампиони. За жал никогаш немав прилика да соработувам со него но секогаш уживам, се радувам и му се воодушевувам на неговите маестрални актерски остварувања, вели Наумовски.
Тони Наумовски е единствениот македонски актер, но и еден од малкумината балканци кои во Њујорк имаат своја кариера во театар, на филм и телевизија. Tоа што актерот го живее таму, во рајскиот голем град, не може да се раскаже, треба да се одживее, да се преживее и да се живее, секој ден, секоја секунда и секој здив со кој се дише животот и прима духот на слободата за да се прави тоа што се мечтае со отворени очи. Или да се одигра на филм.
Тој тоа го направи во прво лице еднина во `„Мојот Њујорк“ каде се игра себе самиот, емигрант и лунатик. Да се биде на сцена, да се стои пред камера и да се живее шансата да се биде `„Ноќен агент“, да се биде Марко, да се биде Виктор во „Лос Кос“, да се дојде до „Крајот на играта“ како Иван Асланов, да се биде бедник и таксист „Тука денес“, да се биде Александар Леко и да и се служи на „Ѓоспоѓата Министерка“ ама и Ајнштајн во „Медени ноќи“, да се верува повеќе од Олег дека „Портокалово е новото црно“, во меѓувреме да се боксува и раскажува дома на своите дека животот „Не е американски филм“, да се биде војник кој умира од живот и бара лек „На терапија“, да се биде убав, ама и да се биде со лузна на лицете, да се биде во реалноста, да се врати во минатото, да одлета во иднината и да јава во светот на бајките. Тоа се неговите животи. Не внимавајте кога живеете! Според житието на Тони Наумовски, некои животи може и да се живеат.
Како да се прочита листата на животот на актерот Тони Наумовски одигран во повеќе од осумдесет карактери, во исто толку продукции на филм и телевизија, на повеќе од десетина јазици меѓу кои и неколку продукции во Македонија, татковината на татко му која тој ќе ја открива и препознава со секое негово враќање во потрага по духот на слободата кој, барем тоа нешто, духот во Тони Наумовски е во безгранични количини. Таа магија што Тони Наумовски во карактерот на Владимир ќе ја донесе со себе во неговата, но и во приказната за Лена во македонскиот филм „Лена и Владимир“ само минатата 2025 година ќе му донесе четиринаесет награди и исто толку номинации за актерско достигнување во уметноста на филмот на повеќе од осумдесет фестивали во Европа и Америка.
Тони Наумовски е актер кој е пример за желба, посветеност и бескрајна љубов кон уметноста на филмот, актер со иста дива сила и питома страст кон триаголникот на светот во кој тој е круг во правоаголната рамка на филмот во која стоеше и Мето Јовановски. Тони Наумовски е актер што игра со филигранска точност и одмереност на раскажувач на приказни и продавач на лосиони за растење на коса. Во иста приказна и во еден карактер што само уште еднаш, и во случајот на човекот Тони Наумовски потврдува дека она што во уметноста треба да им го дадеме на другите, во професијата актерство – може да се земе единствено од себе самиот.
Тони Наумовски е уметник кој има образование и знаење за животот и уметноста, не само за филмот, дури и повеќе отколку што му треба на актер кој знае до каде сака да стигне. Ама Тони Наумовски е актер кој не сака да знае каде почнува и каде завршува тоа што го сака – наспорти тоа што го има. Тони Наумовски е уметник, ама и занаетчија со совршена техника на говор, со атлетско тело на змија во кожа на лав и со поглед на дете што секој ден го бара патот од училиште до дома, затоа што актерството во уметноста на филмот е патување кое има само една цел – да продолжи зад следниот агол, зад следната средба со себе самиот, во улогата на некој друг, во потрага по патот до дома.
Тони Наумовски е актер кој во уметноста на филмот е почеток и крајот на патувањето кое сакаме никогаш да не заврши. Тони Наумовски е актер кој раскажува и кому му раскажуваме, пред и после приказната за тоа дека соништата се остваруваат. Бескрајно му благодариме за сите овие соништа и за сите патишта на сите актери во светот на уметноста на филмот. Добро дојде дома. Добродојде во светот на вљубениците на сликите што се движат преку морињата и преку езерото.











