-Постојат места каде што секој поглед кон него личи на разгледница. Таква е Парга – едно од најживописните гратчиња на брегот на Јонското Море, а со право ја нарекуваат бисер на медитеранот. Таа е чувство. Град што ве тера да застанете, да го почувствувате моментот и да уживате во секој поглед, секој мирис и секој залез.
-Имавме можност неколку дена да уживаме во убавините на Парга и лесно сфативме зошто туристите постојано и се враќаат. Секој агол крие нова приказна, а медитеранскиот дух се чувствува на секој чекор.
-Шарените куќи што се спуштаат по ридот кон морето, венецијанската тврдина што гордо бдее над градот, тесните калдрмисани улички, мирисот на јасмин и бор, тиркизното море создаваат чувство дека времето овде тече побавно и поубаво.
Жанета Ристевска
За пријатен и безгрижен престој се погрижи туристичката агенција ЈК “Травел“ од Битола која нуди одлична организација и современи сместувачки капацитети. Сега реновираните, модерно уредени студија опремени со сè што е потребно за удобен одмор, како и прекрасниот базен, беа вистинско место за летен одмор и релаксација по деновите исполнети со сонце и море.
Денот во Парга започнува со мирисот на свежо кафе и погледот кон бескрајното сино Јонско Море. Само пет минути пешачење од студиото делат од плажата “Валтос“. Нашите денови најчесто ги минувавме таму, на прочуената плажа “Валтос“, која со право важи за една од најубавите плажи на Јонското Море.
Долгиот песочно-каменест брег, кристално чистата вода и богатата понуда на содржини ја прават омилена дестинација за семејства, млади и сите што сакаат безгрижно да уживаат во летото.
По должината на плажата се поставени голем број лежалки и чадори за сонце, кои најчесто се изнајмуваат по цена од 14 до 20 евра за комплет со две лежалки и чадор, а на располагање се и бројни барови и таверни каде што можете да се освежите или да уживате во вкусен медитерански оброк.
На самата плажа се наоѓа и “Captain’s Bar“ кое е омилено место за одмор и освежување, каде покрај прекрасниот поглед кон морето, ќе ве освои и со топла атмосфера. Насмеаните и љубезни келнери, како и гостопримливите домаќини, прават секој гостин да се чувствува добредојден и повторно да посака да се врати.
Тука можете да уживате во еспресо и фрапе за 3-5 евра, флаширана вода од 0,5 литри за 0,5 евра, како и во богат избор на вкусни оброци по цени од 4 до 12 евра. На менито има клуб-сендвичи, свежи морски специјалитети, традиционални грчки јадења и омилени специјалитети од италијанската кујна – доволно избор за секој вкус.
Пријатната атмосфера, љубезната услуга и погледот кон тиркизното Јонско Море го прават “Captain’s Bar“ идеално место за утринско кафе, лесен ручек или освежување по денот поминат на плажа.
Од Валтос секојдневно испловуваат мали туристички бродчиња кон прекрасните плажи Лихнос и Саракинико, како и кон скриени заливи што можат да се откријат единствено од морето. Во тие тивки лагуни, каде што морето има сите нијанси на сина и зелена боја, човек лесно заборава на времето.
За оние што сакаат уште поголема авантура, од “Валтос“ тргнуваат и бродови за еднодневни крстарења до островите Паксос и Антипаксос. Смарагдните води, морските пештери и дивата природа ги прават овие острови едни од најфотографираните места во Јонското Море.
Посебна магија градот добива навечер. Кога ќе се запалат светлата, Парга оживува во полн сјај. Како што паѓа вечерта, градот полека се претвора во сцена од романтичен филм. Осветленото пристаниште се огледува во мирното море, а венецијанската тврдина, осветлена одозгора, му дава на градот посебна величественост.
Илјадници туристи полека се движат низ тесните улички исполнети со мали продавници, сувенирници, таверни и ресторани. Од секој агол допира музика, мириса на свежо приготвена риба, маслиново масло, гиро, зачини и домашни грчки специјалитети. Се слуша смеа, наздравувања и разговори на различни јазици, но сите ја делат истата емоција – уживањето во едно навистина посебно место.
Во деновите кога престојувавме таму, Парга живееше и во духот на Светското првенство во фудбал. Натпреварите се следеа на терасите на рестораните, таверните и клубовите, каде што голем број посетители од различни држави, Норвешка, Англија, Данска, Холандија, Србија… со возбуда ги бодреа своите репрезентации.
Особено впечатлива беше вистинската „халандоманија“ – норвешките навивачи, инспирирани од својата најголема фудбалска ѕвезда, со песни, дресови и знамиња ги исполнуваа уличките, создавајќи одлична атмосфера и дополнителен шарм на вечерната Парга.
Во таквата атмосфера, вечерната прошетка низ Парга станува доживување што долго останува во сеќавање – спој на медитеранскиот дух, гостопримството, вкусната храна и живата енергија што ја исполнува секоја улица. Токму тогаш сфаќате дека Парга не е само летувалиште. Таа е спој на природа, историја, море и медитерански шарм.
Ние си заминавме со прекрасни спомени, со многу фотографиите кои ќе ве одведат за миг на плажата “Валтос“, осветленото пристаниште и на вечерите исполнети со медитеранска магија, на градот Парга, на крајбрежјето, горе кај трдината…
Со “ЈК Travel“ – Битола, Парга не е само уште едно патување. Таа е приказна што ќе ја раскажувате долго по завршувањето на летото. Зашто има места на кои човек не оди само за да ги види, туку за повторно да се пронајде, а Парга е токму едно од нив.
Фото: Сашо Ристевски






