Press "Enter" to skip to content

Света Архиерејска Литургија во храмот “Св. Недела“ во Битола во чест на Света великомаченица Недела

На 20.07.2026 година, кога Светата Православна Црква молитвено го прославува споменот на Светата великомаченица Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи Света Архиерејска Божествена Литургија во храмот посветен на оваа славна Христова маченица во Битола.

На Литургијата сослужуваа протоереј-ставрофорите Никола Грамбизов, Кирил Трајковски, протоерејот Николче Неделковски, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, како и ѓаконите Крсте Атанасов и Михаил Атанасов.

Во молитвена атмосфера исполнета со духовна радост, голем број верници се собраа да го прослават празникот на Светата великомаченица Недела, принесувајќи благодарност кон Бога и молејќи го нејзиното застапништво за мир, здравје и спасение. За време на Светата Литургија, верниот народ со страв Божји, вера и љубов се причести со Светите Христови Тајни, соединувајќи се со Господа во Светата Евхаристија.

Света Недела е светителка, која живеела во втората половина од третиот век, а тоа е време на силните гонења на христијаните, за време на злогласниот гонител царот Диоклицијан и неговиот зет Максимијан. Токму во тоа време, се родила оваа Божја угодничка, од нејзините родители Доротеј и Евсевија, кои биле благочестиви, но немале деца, па преку нивните горешти молитви, испросиле од Бога да им даде дете, кое ветиле дека ќе Му го посветат Нему. Света недела се родила во неделен ден, па затоа и е ставено името Недела т.е. според Неделата го добила името, а не како што некои мислат дека според Света Недела, е името на неделата.

Света Недела била воспитана во духот на нашата Света Православна Вера. Ете, кога дознал царот за оваа девојка, која била прекрасна со нејзината надворешна убавина, а уште попрекрасна со нејзината внатрешна убавина, нејзе ја посакувале многумина, па тој сакал да ја убеди да ја омажи за својот син, но таа го одбила. Секој што ја просел неа за жена, таа му велела дека е верена за Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа и дека само Нему Му припаѓа, бидејќи нејзината душа Му ја подарила на Бога.