Вечерва во магичниот амбиент на Хераклеја во Битола филк пејачот Миле Кузмановски беше домаќин на концертот „Ехо од Хераклеа“, музички настан исполнетт со емоции, спомени и врвна изведба, пред голем број на негови обожаватели, битолчани и гости во Битола.

Публиката во античкиот театар Хераклеја имаше ретка прилика да ужива во најголемите хитови на Кузмановски во поинакво, симфониско издание, ппридружуван од Камерен оркестар на Битола, со кој неговите безвременски песни добија нова димензија и дополнителна уметничка вредност.
Миле Кузмановски заедно со Камерниот оркестар под диригентство на Горан Димовски и публиката заедно, вечерва, направија битолска приказна која ќе се памети.
-Ова е исполнување на мојот сон, да има концерто во овој магичен простор во Хераклеја, преубаво место за концерти. Самиот амфитеатар има убаво ехо, направен пред толку години а е толку прецизно направен да тој што седи напред и тој најгоре исто слуша, и затоа концертот е насловен “Ехо од Хераклеја“. Тука сум заедно со моите пријатели од Камерниот оркестар на Битола, со кои имав одлична соработка на скопскиот концерт лани, а секако пред толку голем број на публика, рече на почетокот на концертот Кузмановски, кон концертот го започна со песната “Огледало“.
Гости на концертот во Хераклеја беа неговите колеги од Битола, Димитар Андоновски и Зацевски.
Еден од најпрепознатливите и најомилените македонски фолк-пејачи продолжува да ја пишува својата музичка приказна со нов, несекојдневен концертен проект, спој на традицијата, македонската песна и уникатната атмосфера, една уникатна битолска музичка приказна која долго ќе се памети.
Миле Кузмановски уште еднаш потврдува дека неговата музика успешно ги поврзува генерациите кои беа на концертот во Хераклеја и дека неговите песни и понатаму живеат со истата сила и емоција.
Кузмановски има настапувано на речиси сите фестивали во Македонија, а има одржано концерти во Канада, Америка, Германија, Австралија, Швајцарија, Австрија и други европски земји.
Познат е по баладите “Не кани ме“ и “Крал без круна“ и многу други. Во 2025 година, по повод 35 години кариера, одржа концерт во Македонската опера и балет во Скопје, заедно со Сузана Спасовска, Спасен Сиљаноски, Бојана Скендеровски. Има издадено 5 албуми со негови авторски песни, од кои еден е двоен албум и два се спој на аудио и двд материјал.
Жанетар Ристевска
Фото: Сашо Ристевски









