Press "Enter" to skip to content

Во библиотеката во Битола се зборуваше за меѓународното космичко право на македонски јазик

Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – Битола и Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола го организираа настан „Меѓународното космичко право на македонски јазик: Од превод до дисеминација“, посветен на достапноста, развојот и ширењето на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик, како и неговото приближување до академската, правната, образовната и пошироката јавност.

На свеченоста беше одбележано и успешното завршување на преведувањето и објавувањето на ИНСТРУМЕНТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО КОСМИЧКО ПРАВО, македонската едиција на изворното дело „International Space Law: United Nations Instruments“, издадено од Обединетите нации, како значаен придонес кон достапноста на меѓународното космичко право на македонски јазик и неговата понатамошна дисеминација во Македонија. Преводот претставува дел од пошироките повеќегодишни активности за развој и ширење на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик, кои ги спроведува МКД–Битола во соработка со домашни и меѓународни партнери.Свеченоста ја отвори м-р Емилија Стефановска–Давкова, директор на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Таа, во своето поздравно обраќање напомена дека како институции од јавен интерес, библиотеките имаат непроценлива вредност во зачувувањето на националниот идентитет, јазикот и традицијата како едно од најважните обележја на еден народ, доаѓаме до потребата за негова презентација преку книгата, за што тука е многу важен процесот на преведување.

Во рамките на завршната церемонија по повод успешното преведување и објавување на македонската едиција ИНСТРУМЕНТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО КОСМИЧКО ПРАВО, свечен осврт даде главниот промотор на публикацијата, проф. д-р Каролина Ристова–Астеруд, редовна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и почесна визитинг научничка на Правниот факултет на Универзитетот во Абердин, Шкотска (Обединето Кралство).Во своето обраќање професорката, Ристова–Астеруд го оцени излегувањето на македонската едиција како значаен и пионерски придонес за развојот на меѓународното космичко право во Македонија, упатувајќи признание до преведувачкиот тим за успешно реализираниот потфат.

По повод завршната церемонија, преку институционална видео-порака се обрати и Канцеларијата на Обединетите нации за космички работи (анг. UNOOSA), претставена од м-р Розана Деим–Хофман (Rosanna Deim-Hoffmann) која ја поздрави иницијативата за преводот на македонски јазик, истакнувајќи дека достапноста на меѓународното космичко право на националните јазици е поврзана со пошироките напори на Канцеларијата за поддршка на државите во развојот на нивните национални правни и институционални капацитети во областа на вселенските активности.Генералниот секретар на Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – Битола, м-р Александар Ташковски, најнапред ја пренесе поздравната порака од академик Катица Ќулавкова, која ја истакна целосната поддршка на проектот со надеж дека ќе следат позитивни рефлексии врз македонскиот образовен, институционален и општествен систем.

Во продолжение, м-р Ташковски направи историски осврт на развојот на меѓународното космичко право во Македонија, прикажувајќи ја еволуцијата на академската мисла, законодавството и институционалниот развој во оваа област. Тој потсети дека, иако постои ограничена академска литература за космичкото право, сепак нејзиното постоење може да се следи од 1975 год. и повика – Македонија да создаде образовни и научни институционални капацитети за изучување на меѓународното космичко право.Тој ја истакна меѓународно-правната положба на Македонија во однос на основните договори и конвенции на Обединетите нации за космосот. Беше истакнато дека, иако поранешна Југославија активно учествувала во создавањето на современето меѓународно космичко право и била меѓу првите држави потписнички на основните инструменти, Македонија по независноста го нема продолжено ова институционално наследство преку сукцесија или пристапување кон нив. Поради тоа, постои потреба од понатамошно институционално вклучување на државата во меѓународниот правен режим за космосот.

Во рамки на програмата, вчера беше свечено отворена и изложба посветена на преводот и ширењето на знаењето за меѓународното космичко право на македонски јазик.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »