Press "Enter" to skip to content

Одбележан Илинден во Битола

Претпладнево со полагање на свежо цвеќе на споменикот на двата Илиндена пред Центарот за култура и Споменикот на илинденците во Храмот „Света Недела“, денес во Битола беше одбележан големиот државен празник Илинден.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претседателот на Советот Бојан Бојкоски, советници, претставници на Сојузот на борци и политичките партии, положија свежо цвеќе и се поклонија на сите кои со својата жртва ја извојуваа слободата што ја живееме денес.-Пред 123 години започна востанието кое ги постави темелите на нашата борба за слобода, а пред 82 година АСНОМ ја зацврсти идејата за независна држава. Денес го славиме Илинден – симбол на заедништво, храброст и истрајност. Од Илинденското востание и Крушевската република, преку Првото заседание на АСНОМ, до денешната независна Македонија, ја чуваме заветната мисла на нашите херои државата се гради со љубов, посветеност и борба за заедничка иднина, рече Коњановски.

Денешниот Илинден нека ни биде своевиден патоказ, низ кој преку идеалите на нашите Илинденци, ќе научиме како сите заедно, да стигнеме до нашата подобра иднина, да оставиме подобро утре за нашите поколенија, да бидеме столб за нивната сигурност.

Нека ни е честит Илинден! Нека ни е вечна Република Македонија!“