Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола ги започна подготовките за натпреварувачката сезона 2026/27 под водтво на тренерот Тане Спасев, кој со Пелистер потпиша едногодишен договор. Негов помошник ќе биде Владимир Николовски од Битола.
На првата прозивка беа присутни сите нови засилувања со исклучок на американските кошаркари, кои во Битола ќе пристигнат во понеделник.
Првата прозивка ја имаше новиот кормилар Тане Спасев кој ја доби довербата да го води тимот и ги сподели првите импресии, а при тоа рече:
-Чест ми е пак да работам во македонската кошарка. Пелистер е клуб со реноме. Уште од моите младински денови брендот значеше во македонската кошарка многу. Битола е еден од најубавите градови во Македонија, освен мојот Штип. Овој проект со нова управа, нова филозофија ми се допадна веднаш. Акцентот ќе биде на млади македонски играчи, со само три странци колку што е дозволено. Мислам дека ќе биде добра средина за работа, млада енергија и се надевам ќе играме убава кошарка за публиката.
За тоа како ќе се одвиваат подготовките и очекувањата од новата сезона, Спасев рече:
-Остануваме во Битола. Ќе одиграме пријателски натпревари само со македонски екипи, првиот веќе на 4 септември. Имаме меморијален турнир тука во Битола, а тоа ќе биде добра можност да се видиме со ривалите. Горе-долу ќе тестираме со речиси сите екипи од лигата. Македонското првенство се скрати, се концентрира квалитетот и се намали бројот на странци. Тоа предност за домашните играчи да имаат позначајна улога. Лигата ќе биде изедначена, шампионот МЗТ треба да се респектира бидејќи долги години доминира, а заедно со ТФТ и Маџари ќе нè претставува и надвор од Македонија. Мислам дека лигата е во подем и одлична работа врши КФМ и луѓето во кошарката, па ни претстои многу добра сезона, заврши Спасев.
Во текот на подготовките „зелено-белите“ ќе одиграат повеќе контролни натпревари со домашни спаринг-партнери, а еден од главните тестови ќе биде Меморијалниот турнир „Зоран Петковски-Петкото“. Турнирот е закажан за 16 и 17 септември во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола и ќе претставува важна проверка за Пелистер во пресрет на стартот на официјалните натпревари.
Фото: Дамијана Ристевска
[ngg src=”galleries” ids=”2961″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ order_by=”filename”]










