Press "Enter" to skip to content

Мора да бидеме убави: Невидливиот товар што жените го носат секој ден, совети од психолог

Зошто жените се под поголема лупа?

Кога станува збор за изгледот, фризурата и облеката, жените многу почесто се под лупа отколку мажите. На свадба, матура, прослава или свеченост се забележува што носи жената, каква фризура има, дали се нашминкала, дали изгледа доволно елегантно, младо и негувано. За мажите, ваквите очекувања многу поретко се толку силни. И токму затоа изгледот за многу жени станува дополнителен товар. Не затоа што е погрешно да сакаат да бидат убави, туку затоа што чувствуваат дека мораат да бидат убави.

„Не можам вака да излезам.“ „Што ќе кажат?“ „Ќе изгледам уморно.“ „Сите ќе бидат средени, само јас не.“ Реченици што многу жени ги кажуваат секојдневно. Зад нив стои еден невидлив притисок – да изгледаме добро. Не само убаво, туку совршено. Жената треба да биде мајка, вработена, партнерка, да се грижи за семејството и домот, а покрај сето тоа – да биде убава, средена, негувана и млада.

Како да не е доволно само да функционираме. Како мораме и убаво да изгледаме додека го правиме тоа. Ако не се нашминкала – се забележува. Ако не ја средила косата – се забележува. Ако се здебелила – се забележува. Ако има брчки – повторно се забележува.

Жената како постојано да е под нечија лупа.

И тука е разликата. Не е проблемот што жените сакаат да се дотераат и да се негуват. Убаво е да направиме нешто за себе. Проблемот е кога убавината престанува да биде избор и станува обврска.

Притисокот почнува уште во тинејџерските години.

Денес девојките растат со фотографии од совршени лица, тела, кожа и коса. Се споредуваат со врсничките, но и со илјадници девојки и жени на социјалните мрежи. „Не сум доволно убава.“ „Премногу голем ми е носот.“ „Имам лоша кожа, коса.“ „Не сум доволно слаба.“ „Морам да изгледам како нив.“ Филтрите, шминката, светлото, позирањето и обработката создаваат слика која често не е реална. Но, девојката се споредува со неа како да е. А кога една млада жена ќе почне да верува дека нејзината вредност зависи од изгледот, притисокот станува многу поголем.

Од „сакам“ до „морам“

Постојаното трагање по совршенство може да создаде и потреба постојано нешто да „поправаме“ на себе. Филери, ботокс и други естетски интервенции се сè поприсутни, а желбата за корекција се појавува и на сè помала возраст. Секоја жена има право да одлучи што ќе прави со својот изглед. Но, важно е да се запрашаме:

„Дали го правам ова затоа што сакам – или затоа што чувствувам дека морам за да бидам доволно убава?“

А кај жените во средни и повозрасни години притисокот често е уште посилен.

Како да немаат право на брчки. Како да не смеат да имаат седа коса. Како да мораат постојано да изгледаат младо. Но, брчките не се недостаток. Тие се дел од животот. Жената не станува помалку вредна затоа што времето се гледа на нејзиното лице.

А што и ако не изгледаме совршено?

Имаме право да бидеме уморни. Имаме право на акни, подочници и неколку килограми повеќе. Имаме право на брчки и бела коса. Имаме право на ден кога не сакаме да се шминкаме. И, што е најважно, имаме право да старееме. Да се грижиме за себе е убаво. Но, треба да ја разликуваме грижата за себе од постојаното незадоволство од себе. Кога убавината станува услов за да се чувствуваме вредни, таа веќе не ни носи радост.

Ни носи страв. Страв дека не сме доволно убави. Доволно млади. Доволно слаби. Доволно средени. Доволно добри.

Најважно

Понекогаш треба да се тргнеме од огледалото и да се вратиме кон животот. Да се насмееме без да провериме како изгледаме. Да одиме на кафе без совршена фризура. Да облечеме нешто удобно. Да излеземе без чувство дека некому мораме да докажеме дека сме убави.

Убавината не треба да биде задача што мора да ја завршиме секое утро.

Таа треба да биде избор, задоволство и начин да се чувствуваме добро во сопствената кожа – а не мерка за нашата вредност. И можеби најубавото лице е она кое конечно престанало постојано да се проверува во огледалото и почнало повторно да го живее животот. Во реалноста. Не на социјалните мрежи.

More from СоветиMore posts in Совети »