Press "Enter" to skip to content

ЕСМ со доделување на стипендиите продолжува да инвестира во знаењето, младите и иднината!

Како општествено-одговорна компанија, АД ЕСМ и оваа година ја продолжува традицијата на поддршка на најдобрите и најталентираните студенти, доделувајќи 23 нови стипендии на студенти од четири државни универзитети во Македонија.

Стипендиите се доделени на студенти од: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитет во Тетово.

Стипендиите им ги врачија заменикот генерален директор на АД ЕСМ, Агим Садику, директорот за правни и општи работи, Никола Ѓошевски и директорот на РЕК Битола, Иван Куковски. Во таа прилика тие им упатија честитки до студентите и им посакаа успех во нивното понатамошно образование и професионален развој.

Поддршката опфаќа студенти од области од особено значење за енергетиката и технолошкиот развој – електротехника, информациски технологии, машинство, рударство, природни и технички науки.

-Со оваа практика, која АД ЕСМ ја реализира повеќе години, не само што им помагаме на младите да ги остварат своите академски цели, туку создаваме можности за нивен понатамошен професионален развој преку практична работа и потенцијално вработување во компанијата. Стипендијата изнесува 80.000 денари годишно, а можноста за продолжување во наредните академски години е предвидена согласно исполнувањето на утврдените критериуми. Веруваме дека вложувањето во младите и во квалитетен инженерски кадар е вложување во иднината на македонската енергетика, соопштија од ЕСМ.

More from ВестиMore posts in Вести »