
-Понекогаш најмногу се караме со оние кои најмногу ги сакаме. Не затоа што не ни значат, туку токму затоа што ни значат премногу.
Кога некој ни е важен, неговиот збор боли повеќе. Секоја промена во неговиот глас ја чувствуваме и не боли. Неговиот молк нè загрижува. Неговата дистанца ја чувству ваме посилно. А кога ќе почувствуваме дека не сме разбрани или доволно важни, лесно е болката да ја претвориме во лутина.
И наместо: „Ми недостигаш.“ велиме: „Никогаш немаш време за мене!“
Наместо: „Ме повреди тоа што го кажа.“ велиме: „Ти никогаш не мислиш на моите чувства!“
Наместо: „Ми треба да почувствувам дека сум ти важна.“ велиме: “Тебе воопшто не ти е гајле!“
И така започнува караницата. Едниот напаѓа. Другиот се брани. Првиот се чувствува уште понеразбран. Другиот се повлекува. И на крајот, двајца луѓе кои всушност сакаат да бидат блиски – се оддалечуваат.
А што ако проблемот не е она за што се караме?
Следниот пат кога ќе почувствувате дека караницата станува поголема од причината поради која започнала, застанете и прашајте се:
„Што навистина ми треба во овој момент?“
Можеби не ви треба победа. Можеби ви треба внимание, почит, сигурност, близина, разбирање.
Затоа, наместо: „Ти никогаш не ме слушаш!“ обидете се со: „Кога не ме слушаш, се чувствувам како да не сум ти важна. Ми треба да почувствувам дека ме разбираш.“
Тоа не значи дека треба да премолчуваме кога нешто нè повредува. Напротив. Треба да зборуваме. Но не за да победиме во караницата, туку за да се разбереме. Зашто љубовта не значи дека никогаш нема да се скарате.мЉубовта значи дека, дури и кога сте лути, не заборавате дека човекот пред вас ви е важен.
Не барајте победник во врската. Барајте решение. Не сте еден против друг. Вие сте двајца луѓе против проблемот.






