
Колку пати сте кажале „да“, а во себе сте сакале да кажете „не“? Жените често се навикнати да бидат тука за сите – за семејството, партнерот, децата, пријателите, колегите… Но, тоа не е случајно. Уште од мали нè учат да бидеме грижливи, да помагаме, да попуштаме, да разбираме и да бидеме „добри“ за сите околу нас. Така, од генерација на генерација, се пренесува образецот дека жената треба да се грижи за другите, дури и кога самата е уморна, повредена или има свои потреби.
И некаде по пат, лесно е да научиме да ги ставаме сите пред себе. А некаде помеѓу сите тие обврски, лесно забораваме да се прашаме: „А јас, како сум?“
Поставувањето граници не значи дека сте себични, ладни или дека не ги сакате другите. Значи дека научивте да се почитувате себеси.
Научете да кажете „не“
Не мора да прифатите нешто само затоа што некој го очекува од вас. Понекогаш едно едноставно: „Не можам“, „Не сакам“, „Овој пат ќе прескокнам“ е сосема доволно. Не сте должна да се објаснувате до бескрај за секоја ваша одлука.
Не дозволувајте вината да ве предомисли
Кога првпат ќе почнете да кажувате „не“, можеби ќе почувствувате грижа на совест. Тоа е нормално. Но, чувството на вина не значи дека сте направиле нешто погрешно. Понекогаш само значи дека за првпат избирате да не се ставите себеси на последно место.
Слушајте го она што ве вознемирува
Ако некој однос постојано ве исцрпува, ако некој начин на разговор ве повредува или ако често се чувствувате непочитувано – не го игнорирајте тоа чувство. Можеби токму таму ви е потребна граница. Кажете мирно: „Ова не ми одговара“, „Не сакам да разговараме на овој начин“, „Ми треба време за себе.“
Не мора да викате за да бидете јасни. Не мора секогаш да бидете достапни. Имате право на одмор. На тишина. На приватност. На време само за себе. Не мора секој повик да го кренете. Не мора на секоја порака веднаш да одговорите. Не мора секому да му бидете на располагање. Вашата вредност не се мери според тоа колку можете да направите за другите. И запомнете нешто важно – не можете да контролирате како другите ќе реагираат на вашата
граница. Некој можеби ќе се налути. Некој ќе се разочара. Некој можеби ќе се обиде да направи да се чувствувате виновно. Но, туѓата реакција не значи дека вашата граница е погрешна.
Здравите граници не ги оддалечуваат луѓето коинавистина ве почитуваат.
И можеби најважно од сè: Не мора да им угодите на сите за да бидете добра жена, добра мајка, добра партнерка, добра пријателка или добар човек. Понекогаш најздравото нешто што можете да си го кажете е: „И јас сум важна.“
Грижата за себе не започнува кога сите околу вас се задоволни. Започнува кога ќе научите да се слушате себеси.






