Press "Enter" to skip to content

Катерина Матевска, одделенски наставник во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ од Битола – учителот не остава само знаење, туку остава трага

Петти октомври – Светскиот ден на учителот е ден кога повторно се потсетуваме колку е голема и благородна улогата на оние кои ги отвораат првите страници од знаењето пред најмладите. Учителот е оној кој ја држи првата рака на детето кога ја пишува првата буква, но и оној кој постепено го учи дека знаењето, дисциплината, почитта и човечноста се темели врз кои се гради животот.

Меѓу наставниците кои речиси четврт век со посветеност ја живеат оваа професија е и Катерина Матевска, одделенски наставник, која повеќе од 20 години, односно речиси 25 години, подучува, воспитува и остава траги во животите на своите ученици.

Таа е од наставниците од еден „стар ков“ – наставници кои веруваат во редот, работните навики, дисциплината и јасно поставените граници, но и во огромната одговорност што ја носи учителот. Дидактички добро подготвена, посветена на секој ученик и особено препознатлива по својот чист, правилен и негуван македонски говор, Матевска е наставник кој верува дека примерот на учителот е една од најсилните лекции што детето може да ја добие.

По повод 5 Октомври, разговараме со Катерина Матевска за учителството, дисциплината, јазикот, генерациите што поминале низ нејзината училница и за она што, по речиси 25 години, сè уште ја тера со љубов да влезе во училницата.Речиси 25 години сте во училницата. Што значи за вас сите овие години да бидете учител?

-Да се биде учител толку години значи да поминете низ многу генерации, но и низ многу различни времиња. Се менуваат децата, се менуваат условите, технологијата, начинот на кој комуницираме, но суштината на учителската професија останува иста – да му помогнете на детето да го најде вистинскиот пат. Јас отсекогаш сум ја доживувала училницата како место каде што не се пренесува само знаење. Таму се градат навики, карактер, однос кон другите луѓе и однос кон самото знаење. Кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека низ мојата училница поминале многу деца, а секое од нив оставило нешто свое. И тоа е нешто што не може да се измери со никаква оценка.

Вие сте наставник од еден поинаков, како што велите, „стар ков“. Што значи тоа за вас?

-За мене тоа значи дека верувам во дисциплината, редот и работата. Можеби денес зборот „строгост“ понекогаш звучи тешко, но јас не ја разбирам строгоста како казнување. За мене строг наставник е оној кој има јасни правила и кој доследно ги почитува, но истовремено знае да го разбере детето. Децата имаат потреба од граници. Имаат потреба да знаат што е правилно, а што не е. Имаат потреба да научат дека обврските не се нешто од кое можеме секогаш да се откажеме. Дисциплината создава работни навики, а работните навики подоцна му помагаат на човекот во целиот живот.Дали сметате дека денес недостигаат наставници од таков ков?

-Мислам дека секое време си носи свои предизвици и свои наставници. Не би сакала да ги споредувам генерациите или колегите. Но, верувам дека наставникот мора да биде авторитет. Не авторитет затоа што стои пред учениците, туку затоа што со своето знаење, однесување и пример го заслужил тој авторитет. Учениците многу добро чувствуваат кога наставникот е подготвен, кога знае што сака да постигне и кога стои цврсто зад она што го бара од нив.

Вашата подготвеност за час е нешто по кое ве препознаваат. Колку е важна дидактичката подготовка?

-Многу е важна. Наставникот не смее да влезе во училницата неподготвен. Секој час треба да има своја цел. Треба да знаеме што сакаме учениците да научат, како ќе им го доближиме тоа знаење и како ќе провериме дали навистина го разбрале. Особено кај малите деца, не е доволно само да им кажете нешто. Треба да најдете начин да го видат, почувствуваат, разберат и применат. Затоа наставникот мора постојано да се подготвува. Иако имате години искуство, не смеете да мислите дека сè сте научиле. Секоја генерација бара нов пристап.Но, можеби најмногу сте препознатливи по вашиот македонски говор.

-Јазикот ми е особено важен. Јас сметам дека наставникот треба да биде пример за учениците и во говорот. Ако сакаме тие правилно да зборуваат и пишуваат, мора и ние правилно да зборуваме. Затоа секогаш ги насочувам учениците кон правилен, чист и убав македонски јазик. Кога ќе згрешат, ги поправам. Не за да ги засрамам, туку за да научат. Јазикот е наше богатство. Тој е дел од нашата култура и нашиот идентитет. Затоа треба да го негуваме секој ден – не само на часот по македонски јазик.

Дали децата денес лесно го прифаќаат тоа?

-Понекогаш треба повеќе трпение. Децата денес се опкружени со различни јазици, содржини и начини на комуникација. Социјалните мрежи и современата технологија влијаат и врз нивниот говор. Но, токму затоа учителот треба да биде пример. Кога детето секојдневно слуша правилен, јасен и негуван говор, постепено почнува и самото да внимава како се изразува. Мене многу ме радува кога ќе слушнам ученик кој со текот на времето почнал да зборува попрецизно и правилно. Тоа можеби некому му изгледа како мала работа, но за мене е голем успех.

Во текот на вашата кариера сте работеле и во комбинирани паралелки. Какво искуство е тоа?

-Комбинираната паралелка е голем предизвик за наставникот. Во исто време имате ученици од различна возраст, со различно ниво на знаење и различни потреби. Мора да бидете добро организирани и постојано да внимавате на секое дете. Но, токму таквата работа ме научи уште повеќе на трпение и приспособливост. Тоа е една мала заедница во која сите имаат своја улога.

Што е најважно за вас да постигнете кај еден ученик?

-Најважно ми е да поставам цврст темел. Не очекувам ученикот веднаш да знае сè. Но сакам да стекне работни навики, да биде дисциплиниран, да знае да слуша, да прашува, да чита, да пишува и правилно да се изразува. Врз тој темел понатаму може да се надградуваат нови знаења. Јас не градам само знаење. Се трудам да градам и морални вредности, карактер и одговорност. Зашто зад секој ученик што седи пред мене гледам една млада личност која утре ќе биде возрасен човек.По сите овие години, што чувствувате кога ќе сретнете поранешен ученик?

-Тоа е едно од најубавите чувства за еден наставник. Понекогаш ќе ме сретне некој поранешен ученик и прво ќе се насмевнеме. Потоа ќе кажеме: „Се сеќаваш ли на она…?“ И веднаш се враќаат спомените. Некогаш се смееме на некоја анегдота, некогаш се присетуваме на некој час, а понекогаш само ми е доволно да видам дека детето пораснало во добар човек. Тогаш чувствувам дека сите оние години, подготовки, повторувања, опомени и совети имале смисла.

Кога би можеле да им оставите една порака на сите ваши ученици, која би била таа?

-Да бидат добри луѓе. Да учат, да работат и да не се откажуваат кога ќе наидат на пречка. Да ги почитуваат родителите, наставниците и луѓето околу себе. Да имаат почит кон своето образование и кон јазикот на кој зборуваат. И да не забораваат дека успехот не доаѓа преку ноќ. За секој успех се потребни труд, дисциплина и истрајност.А што е она што вам ви дава сила по речиси 25 години?

-Децата. Иако понекогаш работата е тешка, нивната љубопитност и искреност се најголемата сила. Учителот можеби мисли дека тој ги учи децата, но во текот на годините и децата го учат учителот. Ме учат на трпение, на разбирање, на тоа дека секое дете има свој свет. И затоа секоја нова генерација ја доживувам како нова приказна.

Горди сте што работите во училиште кое го носи името на светите браќа Кирил и Методиј. Што значи тоа за вас?

-Тоа за мене е особена чест. Светите браќа Кирил и Методиј се просветители, учители, луѓе кои знаењето и писменоста ги направиле своја мисија. Кога работите во училиште кое го носи нивното име, чувствувате и една дополнителна одговорност. Нивната учителска мисија низ вековите се пренесува до денес. Ние можеби работиме со поинакви учебници и современи средства, но суштината е иста – да му го отвориме на детето патот кон знаењето.На крајот, што за вас претставува Светскиот ден на учителот?

-Тоа е ден кога треба да се потсетиме колку е важна нашата професија. Учителот можеби не го гледа веднаш резултатот од својата работа. Денес учи дете да чита, а по многу години тоа дете станува лекар, инженер, професор, уметник, родител… Но, каде и да стигне, во него останува нешто од првите учители. Затоа секогаш велам: добриот учител е како свеќа – се троши себеси за да им го осветли патот на другите. Учителите се светлината што останува и тогаш кога денот ќе исчезне во темнината. На сите мои колеги им посакувам здравје, трпение, успех и инспирација. Да имаме сила да продолжиме да подучуваме, воспитуваме и да веруваме во децата.

Среќен 5 Октомври – Светскиот ден на учителот!

Жанета Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »