Националната установа Завод и музеј Битола е еден од партнерите во европскиот проект RE-MIND, чија цел е да развие иновативен модел за работа на музеите, со фокус на дигиталната благосостојба, менталното здравје и поврзувањето на различните генерации преку културата.
Проектот „RE-MIND: Модел за градење капацитети заснован на свесна присутност за дигитална благосостојба и вклучување на меѓугенерациската публика во музеите“ е финансиран од Европската Унија и ќе се спроведува во периодот од март 2026 до февруари 2029 година. Во него се вклучени 11 партнери од седум европски земји: Србија, Италија, Хрватска, Полска, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија. Координатор на проектот е Институтот Minds Europe.
Главната цел на RE-MIND е развој на концептот „Свесен музеј“ (Mindful Museum), кој ги обединува свесната присутност (mindfulness), смирената технологија и меѓугенерациската инклузија во музејското образование и активното вклучување на публиката. Посебно внимание се посветува на создавањето културни искуства во кои заеднички ќе учествуваат деца, млади од генерацијата З и повозрасни лица, поттикнувајќи размена на знаења, искуства и идеи меѓу генерациите.
Преку проектните активности ќе се работи на унапредување на професионалните капацитети на музејските работници преку модуларна програма за обука, поттикнување на меѓугенерацискиот пренос на знаења, зголемување на социјалната инклузија на маргинализираните групи и поддршка на менталната благосостојба и емоционалната отпорност.
Проектот предвидува развој на Паметен екосистем за учење (Smart Learning Ecosystem), во рамките на шест работни пакети, со 29 планирани проектни резултати. Преку овие активности ќе се создаде применлив и надградлив модел за современо музејско работење, кој ќе овозможи порамнотежено користење на дигиталните технологии и поголема достапност на културните содржини за различни категории посетители.
Учеството на НУ Завод и музеј Битола во овој европски проект претставува можност за размена на искуства и знаења со меѓународни партнери, како и за развој на нови пристапи кон музејската едукација и вклучувањето на публиката.
Следете го проектот на неговата веб-страница, на Facebook, Instagram и LinkedIn.






