-Во акцијата се извршени 35 претреси, а на граничните премини се уапсени две лица. Дополнително, во Скопје и во Битола се извршени четири вонредни контроли во стрелачки клубови и две вонредни контроли во цивилни стрелишта, а при контрола во стрелачки клуб во Прилеп се одземени ловна пушка и револвер.
Во рамки на меѓународната оперативна акција „TRIGGER X“ во организација на Интерпол, во периодот од 22 јуни до 5 јули годинава, од Македонија се одземени 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција, 10 минско-експлозивни средства, три три ловни пушки, една пневматска пушка и 128 ловни патрони. Во акцијата се извршени 35 претреси, а на граничните премини се уапсени две лица – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во рамки на оперативните активности беа извршени контроли и прегледи на 548 селектирани лица и 382 возила, меѓу кои патнички и товарни возила, како и приколки. Дополнително, Одделот за криминалистичко-разузнавачка анализа при Бирото за јавна безбедност и Секторот за меѓународна полициска соработка извршија проверки во интерните бази на податоци за повеќе од 500 лица и 300 возила.
Во предоперативната фаза на акцијата, при два претреси, биле пронајдени и одземени три пиштоли, 115 куршуми, рамка за оружје, седум ловни патрони, три рачни бомби и кутија со барут, а дополнително биле пронајдени и одземени пиштол, рамка, импровизирана направа во вид на цевка за испукување куршуми и 77 куршуми.
Во Скопје и во Битола биле извршени и четири вонредни контроли во стрелачки клубови и две вонредни контроли во цивилни стрелишта, а при контрола во стрелачки клуб во Прилеп биле одземени ловна пушка и револвер.
Учество во вакви меѓународни оперативни акции претставува значаен придонес во зајакнувањето на меѓународната полициска соработка, размената на информации и координираното постапување во борбата против недозволената трговија со оружје и прекуграничниот криминал. Преку заеднички и координирани активности со меѓународните партнери, МВР продолжува активно да придонесува кон унапредување на безбедноста и спречување на нелегалниот промет со оружје, муниција и експлозивни средства, посочија од МВР.






