Проректорот за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и редовен професор на Правниот факултет – Кичево и Битола, проф. д-р Горан Илиќ, од 26 септември до 10 октомври 2026 година престојуваше во Соединетите Американски Држави како учесник во престижната лидерска програма International Visitor Leadership Program (IVLP), под покровителство на Стејт департментот на Владата на САД. Програмата беше насловена како „U.S. Foreign Policy – Global Challenges II“ и беше наменета за истакнати претставници и експерти од Европа.
IVLP е една од највлијателните и најзначајните професионални програми на американската влада, наменета за висококвалификувани лидери, истражувачи и креатори на јавни политики од целиот свет, кои се номинираат преку дипломатските претставништва на САД. При селекцијата, посебно внимание се посветува на досегашните професионални остварувања, академскиот кредибилитет и лидерскиот потенцијал во областите од стратешко значење за меѓународните односи и соработката со САД.
За време на интензивниот двонеделен престој во Вашингтон (Washington, D.C.), Ајова Сити (Iowa City, IA) и Колорадо Спрингс (Colorado Springs, CO), проф. д-р Илиќ оствари серија работни средби, предавања и посети на клучни американски државни, образовни, безбедносни и научно-истражувачки институции:
Во Вашингтон, учесниците дебатираа за процесите на креирање и спроведување на надворешната политика на САД, со посебен осврт на трансатлантската безбедност, соработката со НАТО и ЕУ, глобалната трговија и геополитичките предизвици. Програмата опфати состаноци и брифинзи во институции како U.S. Department of State (Стејт департментот), Претставничкиот дом на Конгресот на САД (U.S. House of Representatives), Пентагон (U.S. Department of War), и водечки истражувачки и аналитички центри, како што е Институтот Хадсон (Hudson Institute).
Во Ајова (Ајова Сити, Сидар Рапидс и Хајавата), фокусот беше ставен врз улогата на локалните заедници, академското истражување и економијата во меѓународните односи. Беа реализирани работни средби со претставници од канцелариите на сенаторот Чак Грасли (Chuck Grassley) и конгресменката Ешли Хинсон (Ashley Hinson), раководството на корпорацијата за економски развој HEDCO, академски панел со професорите од Одделот за политички науки при Универзитетот во Ајова (University of Iowa), како и директно обраќање и дискусија пред студентите и членовите на Undergraduate Political Science Association.
Во Колорадо Спрингс, центарот на американската воена и аеровселенска одбрана, се одржаа брифинзи за стратешкото одвраќање, сајбер-безбедноста и кризните комуникации во седиштето на Северноамериканската команда за воздушна и вселенска одбрана (NORAD) и Северната команда на САД (USNORTHCOM), консултации за високотехнолошкиот развој во Catalyst Campus, средби со експерти за безбедност од Murray Security Services, како и состанок во Center for the Study of Government and the Individual при Универзитетот на Колорадо во Колорадо Спрингс (UCCS).
Посебен белег на престојот во Колорадо Спрингс беше завршната сесија (Synthesis Session) модерирана од Тамир Васер (Tamir G. Waser), поранешен висок дипломат во американската дипломатска служба, како и работната средба со поранешната светска рекордерка и олимписка медалистка Елисон Вагнер (Allison Wagner), со која се отворија теми за спортската дипломатија, интегритетот и претстојната „мега-декада на спортот во САД“.
Меѓу некогашните учесници во реномираната IVLP програма низ децениите се вбројуваат стотици светски лидери и влијателни државници, вклучувајќи ги Маргарет Тачер, Анвар ел Садат, како и бројни актуелни и поранешни премиери, претседатели и министри ширум светот, што сведочи за исклучителната традиција на програмата за градење глобални партнерства, интеркултурен дијалог и развој на стратешко лидерство.
Стекнатите искуства, продлабочените контакти и увидите во американскиот институционален систем, професорот Горан Илиќ ќе ги насочи кон зајакнување на академските и истражувачките капацитети, поттикнување на интердисциплинарните студии во меѓународните односи и надворешната политика, како и унапредување на меѓународната соработка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со сродни образовни и научно-истражувачки установи од САД и Европа.






