На 28 октомври 2026 година, во организација на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола свечено беше отворена IX Меѓународна научна конференција „Towards a Better Future: The Digital Age and the Redefinition of Constitutionalism, Justice, and Society“.
Конференцијата отвори научна дебата за влијанието на дигиталната трансформација врз правото, правдата и современото општество.
На свеченото отворање, свои обраќања имаа проф. д-р Ангелина Станојоска, Продеканка за наука и меѓународна соработка на Правниот факултет, проф. д-р Горан Илиќ, Проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола; и доц. д-р Дебра Драјсбах, Фулбрајтова стипендистка од Penn State Lehigh Valley, САД, која одржа пленарно предавање на тема „Justice in the Age of Algorithms“.
Во фокусот на конференцијата се прашањата за иднината на правото во дигиталната ера, влијанието на вештачката интелигенција врз правните професии, заштитата на човековите права и потребата од модернизација на правното образование.
Со деветтото издание на конференцијата, Правниот факултет ја продолжува традицијата на поттикнување научни истражувања, меѓународна академска соработка и отворање дискусии за актуелните општествени предизвици.
Фото: Дамијана Ристевска






