По повод Светскиот ден на штедењето, 31 октомври, АЛТА банка АД Битола реализираше низа активности посветени на развивањето на свеста за важноста на штедењето, истовремено продолжувајќи го периодот на промотивните услови за депозитните производи наменети за граѓаните.
Во одбележувањето на овој ден активно се вклучија вработените од експозитурите на Банката низ земјата, кои преку посети на училишта и градинки, едукативни презентации и непосредни средби со најмладите ја доближија важноста на штедењето како навика што се гради уште од детството. Дел од експозитурите ги отворија своите врати и за најмладите посетители, овозможувајќи им на интересен и пристапен начин да се запознаат со светот на банкарството и вредноста на штедењето.
Паралелно со активностите посветени на Светскиот ден на штедењето, а поттикната од зголемениот интерес за депозитната понуда и довербата што граѓаните ѝ ја укажуваат, што се одразува и преку растот на депозитното портфолио, АЛТА банка го продолжува промотивниот период за орочени депозити, овозможувајќи им на граѓаните и понатаму да ги користат поволните услови за штедење.
Во рамки на понудата, за денарските депозити се достапни фиксни каматни стапки од 3,20% за орочување на 13 месеци и 3,40% за 25 месеци, додека за депозитите во евра се нуди фиксна каматна стапка од 2,30% за период од 13 месеци. Клиентите имаат можност за исплата на каматата на месечна основа или на крајот од периодот на орочување.
Со продолжувањето на промотивните услови, АЛТА банка ја потврдува својата определба за понуда на конкурентни депозитни производи, прилагодени на потребите на граѓаните, и за создавање дополнителни можности за сигурно и долгорочно планирање на личните финансии.
Од првите штедни навики кај најмладите до конкретните можности за штедење на граѓаните, АЛТА банка продолжува да ја поддржува културата на штедење како важен дел од финансиската сигурност и стабилност.






