Во малата сала на Центар за култура во Битола се одржа панел-дискусијата „Нашата градина – наша одговорност“, посветена на иднината на Зоолошката градина во Битола, а организирана од Центарот за европски развој и интеграција.
На панел дискусијата на која беше присутен и директорот на ЗОО Битола Жарко Тренкоски, се разговараше за актуелните предизвици, можностите за развој, новите инвестиции што следуваат и потребата од континуирано унапредување на условите за животните и содржините за посетителите.
-Зоолошката градина има значајно место во животот на нашиот град. Таа не е само простор за рекреација, туку и важен едукативен центар, особено за најмладите, преку кој децата учат за природата, животинскиот свет, биолошката разновидност и одговорноста кон животната средина. Нашата цел е Зоолошката градина да продолжи да се развива преку нови инвестиции, современи содржини, подобра инфраструктура и повисоки стандарди за благосостојба на животните. Тоа подразбира јасна визија, институционална посветеност и долгорочен пристап, истакна претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.






