Кошаркарите на Пелистер вечерва во Битола ги очекува тежок предизвик против Куманово, а тренерот Тане Спасев вели дека за овој натпревар максимално посветено и внимателно се подготвуваатвеќе пет дена.
-Противникот оваа сезона има тим од искусни и квалитетни играчи со долгогодишно искуство зад себе. Играат тимска кошарка со трпелива игра и користење на повеќе опции во нападот. Очигледно е дека оваа екипа е екипа за високи дострели во годинашнава сезона, вели Спасов и додава:
-Во кошарката и спортот воопшто, кога натпреварите се одлучуваат во последните секунди или минути-шансите за победа или пораз се изедначени… одлучуваат еден шут или дефанзивен гаф. Наша задача и фокус се работите во одбрана и напад кои ги бараме и се обидуваме да ги сработиме во текот на сите 40 минути. Само фокус и придржувањето до планот за игра низ целиот натпревар, како и верба во својата вложена работа и својот труд ќе резултираат со позитивен скор во следните такви трилер-завршници. Спроведувањето на планот за игра, енергијата, желбата за надигрување и натпреварувачкиот дух. Имаме млада екипа и мислам дека погоре наведеното треба и ќе се покаже на терен во сабота. Со залагање и убава кошарка за гледање да ја испочитуваме и прекрасната битолска публика која ја повикувам да присуствува на овој натпревар во што поголем број.
Натпреварот се игра денес, сабота, 21 ноември во 19:30 часот.











