Утре во спортската сала “Боро Чурлевски“ во Битола ракометарите на Еурофарм Пелистер од Битола ќе го играат третиот домашен натпревар од Евро лигата, а го пречекуваат тимот на Вибжеже Гдањск.
Анжеј Видомски, верува дека битолчани можат да стигнат до важна победа против Вибжеже Гдањск во Европската лига. Полскиот тим е сериозен противник, но Видомски смета дека домашниот терен и поддршката од навивачите можат да бидат значајна предност за македонскиот претставник.
-Мислам дека го заборавивме Алкалоид и треба да се фокусираме на овој натпревар. Го анализиравме последниот меч, ги издвоивме работите што ги направивме добро и лошо. Не можеме да размислуваме за тоа што се случило, сега треба да се фокусираме само на овој натпревар. Последниот меч беше тежок, уморни сме, но треба добро да се подготвиме и да го дадеме најдоброто од себе“, изјави Видомски.
Тој добро ги познава квалитетите на полскиот противник и предупредува дека Гдањск располага со квалитетни млади и искусни ракометари, кои негуваат специфичен стил на игра.
-Гдањск има многу добри млади и искусни играчи. Сакаат да го играат тој шпански стил, па во одбрана прават пресинг од број два до број пет. Во напад играат до крај со полна сила. Мислам дека тоа е нивното најдобро оружје“, објасни ракометарот на Пелистер. Играме тежок натпревар, но тоа е добро за нас. Тежок натпревар го гради нашиот менталитет. Сакаме да играме под притисок, а и играме дома. Ако нашите навивачи ни помогнат, а сигурно ќе ни помогнат, ова може да биде навистина, навистина добар натпревар за нас, порача Видомски.






