Убавите гестови и хуманоста не познаваат граници. Тоа уште еднаш го потврдува вредната донација на компјутери што ја доби ДУД “Мирка Гинова“ од Битола, благодарение на битолскиот бизнисмен со американско државјанство Душко Смилевски и неговата фирма DMK LIMITED од Чикаго, САД.
Оваа донација претставува значајна поддршка за установата и уште еден чекор кон подобрување на условите за работа и учење. Новата компјутерска опрема ќе биде од корист во секојдневните активности, овозможувајќи подобри можности за работа, едукација и стекнување нови знаења.
Но, вредноста на ваквите донации не се мери само преку она што се подарува. Уште поголемо е значењето на вниманието, грижата и подготвеноста да се помогне. Особено кога таа поддршка доаѓа од луѓе кои, иако живеат и работат далеку од родниот град, не ги забораваат своите корени и потребите на локалната заедница.
Директорката Наташа Илијовска изрази искрена благодарност до Душко Смилевски и неговата фирма “DMK LIMITED“ за дарежливоста, вниманието и поддршката, нагласувајќи го значењето на ваквите хумани гестови за установата.
Задоволството од оваа иницијатива било обострано. Останува убавиот пример дека добрите дела не познаваат далечина, а солидарноста и човечноста се вредности што ги поврзуваат луѓето, без разлика на тоа на која страна од океанот живеат.
Ж.Ристевска






