Press "Enter" to skip to content

Во Битола ракомет “како личи“ за дерби, Еурофарм Пелистер го победи Охрид, 11 гола на Кузмановски (фотогалерија)

Еурофарм Пелистер – Охрид 27:23 (11:12)

Еурофарм Пелистер во Битола го победи Охрид со 27:23 во вториот меѓусебен дуел сезонава, а со оваа победа на битолчани битката за највисоките позиции во македонскиот ракомет ќе биде пеколна до самиот крај.  Битолчани во второто полувреме заостануваа со 14:17, но со серија од 3:0 го вратија натпреварот во егал. Во завршницата Хеидарирад запиша две важни одбрани, а Граховац донесе 26:24 во 59. минута. Вториот сезонски дуел меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид повторно донесе  неизвесност. Овојпат гостите го добија првото полувреме со 11:12, а во вториот дел имаа и три гола предност.На стартот Дарко Ѓукиќ го отвори резултатот за Охрид. Гостите неколкупати поведуваа со еден гол, но Еурофарм Пелистер постојано се враќаше. При 3:4, Никола Митревски одбрани удар на Иван Тасески, а Саду Нтанзи израмни на 4:4. Филип Кузмановски потоа го донесе првото водство на домаќините, 5:4 во 11. минута. Доминик Мате со два гола го сврте резултатот на 5:6. Жарко Пешевски го врати Пелистер во предност, 7:6, но Никола Зечевиќ со два погодоци донесе 7:8 за Охрид.Во финишот на првиот дел Дино Славиќ го запре ударот на Рудолф Хакбарт при 8:8, по што Николаос Лиапис погоди за ново гостинско водство. Битолчани израмнија на 11:11, но Мате го постави резултатот на полувремето, 11:12 по досудениот пенал после свирежот на сирената и одлуката на судиите.По паузата Кузмановски израмни на 12:12, а Славиќ одбрани удар на Нтанзи во следниот период. Охрид повторно поведе преку Мате и Зечевиќ, а во 37. минута Мате донесе 13:15. Гостите стигнаа и до 14:17 во 40. минута, нивна најголема предност дотогаш. Токму тука Еурофарм Пелистер ја направи најважната серија во вториот дел. Кузмановски погоди двапати, Хакбарт додаде уште еден гол и од 14: 17 битолчани стигнаа до 17:17 во 43. минута.Потоа следуваше нова размена на голови. Охрид поведуваше преку Мате и Зечевиќ, а Кузмановски, Пешевски и Петар Атанасијевиќ го враќаа домашниот тим во егал. При 22:22 Саид Хеидарирад одбрани удар на Мате. Хакбарт го искористи следниот напад и донесе 23:22 – прво водство на Еурофарм Пелистер по 16. минута. Мате израмни, Кузмановски погоди за 24:23, а Лиапис возврати за 24:24.Андреј Видомски во 58. минута донесе 25:24, по што Хеидарирад одбрани удар на Тилен Стрмљан. Никола Граховац ја зголеми предноста на 26:24, а Хеидарирад одбрани уште еден удар на Стрмљан во 59. минута, и го приведоа мечот кон своја корист.Најдобар стрелец кај Еурофарм Пелистер беше Филип Кузмановски со 11 постигнати гола, а голманот Саид Хеидаридад имаше пет одбрани, скоро сите од нив беа во финишот од мечот кога се кршеше резултатот. Кај ГРК Охрид, Доминик Мате постигна 11 гола.

Сашо Ристевски – Дамијана Ристевска

Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo?fbid=1797778762060942&set=pcb.1797781278727357

More from ВестиMore posts in Вести »