На Смилевски баир, на само стотина метри од резерварот за вода, кој се наоѓа на Баирот, постојано има депонија, а како одминува времето таа е се поголема и поголема. Депонијата се наоѓа нецели стотина метри под резерварот, а е на самиот пат кога од улицата “Широка“ се оди кон манастирот “Кркардаш“.
Неколкумина жители од оваа населба кои ги затекнавме таму, ни рекоа дека ова веќене е нормално, од ден на ден, да има се поголемо ѓубре тука.
-Не знам како сами си правиме ваква депонија над куќите, и со секој дожд нешто ни се враќа назад. Чистено е, но пак ние загадуваме. Ова е сигурно од нас, кои живееме тука, бидејќи не веруваме дека некој од “Стрелиште“ или од “Педагошка, или од “Карпош“ ќе се качи тука и ќе фрли ѓубре. Како луѓево се толку неодговорни и без свест, кога живееме ние тука, тука се прошетуваме, нашите деца тука во шумата си играт, ги шетаме домашните миленичиња… се еден збор ова е наше, ние најповеќе сме тука. А, плус на сето тоа еве го преку патот е резерварот за вода од кој ние пиеме. Кога се ќе се собере, изгледа ние не заслужуваме ваква природа на чекор од нас, велат мештаните.
Тие имаат и предлог за решавање на овој проблем кој ги мачи најголемиот дел од нив:
-Погледнете го дворот на резерварот, нема ни едно ливче фрлено, се е средено, а тука само на десетици метри хаос. Не знаеме дали е можно, но ќе одиме во “Водоводод“ да прашаме дали може, тие да постават рампи, подолу на патот и горе кај другиот пат, а посекако тука освен нив и овие кој фрлаат ѓубре никој друг не поминува. Нека го блокираат патот и нека престане фрлањето на ѓубре и правење депонија во шумата. А ако некој има потреба од патот има друг пат па нема да биде проблем.






