Четири битолски основни училишта ја јакнат свеста за заштита на животната средина, преку одбележување на Envirate Week, во соработка со Општина Битола и јавното претпријатие „Комуналец“.
Денес во дворот на ОУ „Св.Климент Охридски“ во Битола, децата од училиштето засадуваа садници од видовите “еvonimus japonica“, “тyja brabant“ и “јuniperus ritinospora“, а директорката на училиштето, Гордана Анастасова истакна дека посебна радост за децата е тоа што тие се запознале со видот на засадените садници и дознале нешто повеќе за нив и за нивното одржување, од страна на директорот на ЈКП “Комуналец“, Панде Богоевски.
Изминатите денови, истата акција се спроведуваше и во основните училишта „Елпида Караманди“, „Даме Груев“ и „Коле Канински“. Засадувањето садници, грижата за нивното одржување, како и севкупно за животната средина, мора да се изучува од мали нозе, а дополнително преку вакви акции, да се применува во воспитно-образовниот процес, е заклучокот на раководните лица на училиштата кои учествуваат во оваа глобална кампања.
Акцијата се спроведуваше од 6 март до 13 март, со што училиштата стануваат дел од глобална мрежа на училишта и веб-заедница за одржлив развој “Environment online“. Оваа глобална мрежа е формирана во Финска, а во неа учествуваат над 10.000 училишта од 150 држави во светот.






