Press "Enter" to skip to content

Се одбележува Месецот на Франкофонијата во Битола (фото)

Месец на француска кујна, филм, музика, изложба, промоција на книга и франкофонска работилница се само дел од активностите за одбележување на Франкофонијата во нашиот град.

Терминот „Франкофонија“ се појавува во доцниот деветнаесетти век и ги опфаќа сите луѓе и земји што се служат со францускиот јазик. Меѓународната организација на Франкофонијата е основана во 1970 година со цел да го промовира францускиот јазик, културната и јазичната различност, промоција на мирот, демократијата и човековите права, поддршка на образованието, како и развивање на соработката во служба на оддржливиот развој и на солидарноста. Таа се состои од од 75 држави и влади, од кои 56 членки и 19 набљудувачи. Република Македонија го зазема своето заслужено место во големото франкофонско семејство уште од 2006 година.Во Битола франкофонијата е долго време присутна, од минатото па се до денес. Збратимување со францускиот град Епинал, активно присуството на Француската Алијанса и Францускиот почесен конзул на Р. Франција во Македонија, голем број на ученички размени, проекти и соработки. Францускиот јазик е дел од нашата историја, дел од нашето секојдневие, но исто така преставува неделив дел од нашата иднина.

Во рамките на месецот на франкофонијата, традиционално секоја година во нашиот град се одржуваат низа активности организирани од страна на Гимназијата “Јосип Броз- Тито” – Битола,  Француската Алијанса – Битола и Француски Институт од Скопје, како и  учениците и наставниците од основните и средните училишта од Битола и околината.Ова се активностите кои се одржуват во претстојниот период. Дел од нив се организирани од Француската Алијанса – Битола и Француски Институт од Скопје, а дел се во организација на професорките по француски јазик Елена Трпезановска и Жанета Наумовска од Гимназијата во Битола, заедно со нивните ученици од сите години на образование кои го изучуваат францускиот јазик, со поддршка од Француската Алијанса и Француски Институт од Скопје.

На 07 март 2019 нашите ученици присуствуваа на промоција на превод од романот „Малечка” на младата швајцарска авторка и авантуристка Сара Жислер. Настанот беше во организација на Француската Аијанса Битола и Францускиот Институт Скопје.

На 21 март 2019 во дворот на училиштето, се одбележа Меѓународниот ден на Франкофонијата со настанот “Гастрономско патување”. Учениците и професорите подготовуваа и дегустираа јадења и се запознаваа со вкусовите на Франција.На 22 март 2019 во училиштето се одржа работилница на тема “Франкофонија“ каде учениците од билингвалните паралелки учествуваа во изработка на постери и цртежи на темата.

На 23 март 2019 Француската Алијанса Битола и Францускиот Институт организираа вечер со Француска музика во кафулето “Радост” со диџеј Frenchy.

На 25 март 2019 во Малата сала на центарот за култура се одржа проекција на филм во рамките на  Француски кино-клуб – Циклус современ француски филм

На 27 март 2019 во училиштето се одржа изложба на цртежи и фотографии на нашите ученици на тема « Патување” помогнатa од Француската Алијанса Битола и Францускиот Институт. Подоцна изложбата ќе биде поставена и во НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола.

Во втората половина на месец април, по —– пат традиционално, ќе се одржи регионален и државен натпревар по Петанк – француска игра/ спорт со фрлање топки.