Во Битола се одржа првото издание на меѓународниот натпревар во пијано “Пијанофест 2019“, на кој настапија околу 80 натпреварувачи од Албанија, Бугарија, Косово и од нашата земја, кои се натпреваруваа во неколку категории и тоа: пет категории во пијано соло, три категории пијано дуо и две категории пијано теоретичари.
Наградата од Општина Битола, која се состоеше од плакета и парична вредност, му беше доделена на Николај Петкоски од Охрид, кој се натпреваруваше во прва категорија, со освоени 100 поени и прво место.
Наградата ја додели советничката во Советот на Општина Битола Виолета Дракалска, која истакна дека Битола е препознатлива како град на клавирите и затоа упати честитки до двете професорки по пијано од Државното музичко училиште во Битола Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска, на чија иницијатива за прв пат се одржа ова меѓународно натпреварување.
Жири комисијата во состав Елена Дикова од Бугарија, Надежда Породини Јоле од Албанија и Јана Четелева Белевска од Македонија, им додели максимални 100 поени на 11 учесници во различни категории.






