Камерната опера од Битола поставува темели на класично пеење во Ресен со првиот концерт на Мартин Димитриевски – баритон и младите оперски надежи Христијан Трајчевски – бас, Живе Мешуревски- баритон и Ангела Трајчевска- сопран како гости во домот за култура “Драги Тозија”- Ресен во пијано придружба на проф. Александра Јанковска.
Како што беше најавено во месец март, кога на местото на академик проф. Ѓорѓи Здравев е назначена проф. Марина Коруновска за директор на Камерна опера ( Musica da camera – opera) започнуваме со промоција на младите музички таленти, со посебен акцент на камерното музицирање и создавање на тло каде талентираните млади соло пејачи, инструменталисти, диригенти, режисери ќе имаат можност да ги направат првите професионални чекори и да градат искуство, пред да застанат на големата сцена. Во почетокот со концерти , а понатаму и со камерни, музичко- сценски и други претстави. Имајки го во предвид фактот дека младите а и возрасните во Битола, Ресен, Демир Хисар, Прилеп, Крушево, Охрид немаат или ретко имаат можност да се допрат до високата вокална и музичка уметност, изградбата на оваа културна платформа е исклучително е важна не само за градот Битола туку и за целиот регион.
Мартин Димитриевски е ученик во школата Коруновска music & singing веќе три години, настапувал на повеќе концерти и натпревари и ова е негов прв солистички концерт кој е од огромно значење за развојот на класичното пеење во Ресен и Македонија. Христијан Трајчевски и Живе Мешуревски се бивши ученици на школата Коруновска singing & music а во моментов се студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај проф. Горан Начевски. Ангела Трајчевска е најмладиот учесник кој иако почетник оваа година се закити со две награди на првиот натпревар за соло пејачи во организација на Ротари клуб Битола и Полихимнија во Скопје, инаку ученик во ДМУ – Битола.






