Синоќа во Битола, со долгонајавуваниот голем концерт на кој настапија легендарните Психомодо поп, Дивље Свиње и Ласт Експедишн заврши 18 издание на Битола Отворен Град. Трите бенда ги остварија очекувањата на публиката која скоро 5 часа имаше вистински квалитетно музичко уживање на плоштадот “Гоце Делчев“.
Она што воодушеви е што имаше различни генерации во публиката, стари следбеници на двата култни бенда Психомодо поп и Ласт Експедишн, нови млади фанови кои ги имаше во навистина голем број. Неверојатно е колку таа музика од пред 20 или 30 години може да биде актуелна и денес кај младата генерација која напамет ги пееше скоро сите песни.
Психомодо поп беше очекувана завршница, загребачкиот бенд кој 36 години трае како да не изгубил ништо од својата енергија и во изведба и во сценски настап. Харизматичниот фронтмен Давор Гобац очекувано ја водеше публиката со одлични најави меѓу песните од вкупно 15 албуми. Она што фасцинира е дека со појавата и сценскиот настап се има впешаток дека Психомодо не ги напушта тој луд жар за настапи во живо пред стара, но и нова публика. Нивните хитови “Ја волим само себе”, “Секси магазин”, “Фрида”, “Рамона”, “Кад сам имао 16” ги пеат синоќа различни генерации.
Во публиката немаше само битолчани, имаше публика од соседните градови која дојде специјално за овој концерт, кој беше завршница на 5 дена мултимедијални проекти, изложби, работилници, мини концерти… За сите Вас, Битола отворен град траеше само 5 денови, за нас во МКЦ, БОГ трае цела година.
Дивље свиње беа одлично загревање на старт во нивниот карактеристичен охрабрувачки звук кој испорача канонада од панк енергија, многу слична на онаа која е креирана од страна на првата генерација на светски панк артисти. Овој бенд на свој начин искомбинира автентични панк елементи со панк рок додавка, неиспеглани гитарски баражи и препознатлива текстуална форма која е сурова критика на политичките и социјалните случувања во општеството. Нивниот албум кој носи Чомски инспириран наслов “Не гледајте телевизију” синоќа го слушнавме во Битола низ сонговите чии наслови се пораки за сами по себеси “Шишање”, “Канцелар”, “Бахатост”, “Јагњече бригаде”, “Правила”…
Фронтменот на бендот на себе имаше зелена маица на која пишуваше Ракометен клуб Пелистер и гласно го поздрави ракометниот тим кој добро го знаеле во своите млади години како ѕзведа на ЈУ лигата во ракомет. Така што доби од публиката силен навивачки аплауз.
Втори на сцена се појавија Ласт Експедишн, една од најзначајните групи во историјата на македонскиот рокенрол. Оваа година нивното реобединување дојде како супер освежување на сеќавањата на 90-тите. Музички фејслифт направен по сите криетриуми е нивниот камбек, а сепак е оној стар добар звук на експедицијата која буквално е враќање во иднината. Алтерантива на рок кој звучеше добро и тогаш, а вчера звучеше уште пожестоко заради новите сили на бендот кои даваат спреј на новото време. Ласт Експедишн вчера започнаа со нова досега необјавена нумера, снимена пред само 3 дена, потоа направија омаж на трите студиски албуми и еден снимен во живо: Intro (1993), Изгубени ликови (1994), Box (1997) и Live – A1TV Exic (2001) потсетувајќи не на музичките химни Песната за песот, Далеку си, Ќељав дабар, Шефе, Не е важно…и за крај завршија со новиот Хеј Хо порачувајќи им на публиката да слушаат што повеќе македонска музика.
Радост е да се мотивираат луѓето кои сакаат музика, уметност…и воопшто култура да се активираат во фестивал кој според нас е општествен процес. Процес во кој на симболичен начин спојуваме различни генерации кои поминале и креативни, но и изгубени години во општествени промени на транзиција, па и изолација, но никогаш не ги напуштила желбата за култура и уметност.
Оттука БОГ е културолошка појава, промовирање на напредни идеии позитивни општествени вредности, укажувајќи на важни теми. Целна група на нашиот фестивал остануваат сите оние кои сакаат квалитетна музика, кои сакаат да бидат опкружени со луѓе со слични сфаќања на животот, сакаат и уметност која се создава надвор од мејнстримот.
Се гледаме во Битола на БОГ идната 2020 година.
Љубица Ангелкова
Фото: Сашо Ристевски






