Вчера во ЈП „Комуналец” се одржала средба со советниците од Советот на Општина Битола од власта и опозицијата, на која се договориле како да придонесуваат за почист и поубав град, а поради годишен одмор не биле советниците од “Поинаку“.
Директорот на јавното претријатие “Комуналец“, Панде Богоевски денес одржа прес-конференција на која новинарите ги запозна за средбата со советниците од Советот на опптина Битола, а зборуваше и за други актуелни прашања.
За средбата со советниците Богоевски рече:
-Вчера се одржа прва средба со советниците од советот, на која не беа советниците од советничката група “Поинаку“ кои со е-маил ме известија дека поради користење на годишен одмор нема да дојдат. На средбата, советниците ги запознав со регулативите од комуналната сфера кои секого обврзуваат и потсетив дека освен што советниците донесуваат одлуки, треба и да ги почитуваат. ЈП „Комуналец“ има обврска да ги реализира Програмите за јавно зеленило, јавна чистота и улично осветлување што ги донесува Советот на општина Битола, и излегува во пресрет и реализира барања на граѓани, здруженија, институции, урбани заедници кои се од интерес на градот.
Богоевски рече дека на средбата сите се согласиле дека хаотичното поставување на урбана опрема не може да биде дел од организиран, интегриран систем на управување со отпад, а за поставените корпи за отпадоци од страна на “Поинаку“ рече:
-Не знам и не сакам да коментитам кој е мотивот за поставување на корпи за отпадоци на само 5-6 метри од веќе поставените наши корпи. Корпите спаѓаат во урбана опрема и тие се поставуваат согласно планот на општината. “Комуналец“ има во тек тендер со кој ќе се набават нови корпи за отпадоци. Што се однесува до празнењето на корпите, отпадот завршува најверојатно во контејнерот пред некоја зграда, кој е сопственост на станарите кои сами си го набавиле, што не е во ред.
За обврската за празнење на корпите на “Поинаку“ рече дека јавното претријатие нема обврска да празни корпи, а и дека тие работат исклучиво според Програмите за јавно зеленило, јавна чистота и улично осветлување, а секако дека прогледуваат низ прсти и интервенираат на повик на граѓани и здруженија и во неработен ден, недела, за што претпријатието исплаќа и прекувремена работа.
Богоевски се осврна и на акциите кои ги прават некои поединци и здруженија, кои мора да бидат во соработка со нив, а како позитивен пример го нагласи “Интерворкс“ односно нивната голема акција која се реализита на радост на сите во март оваа година, ги охрабри сите граѓани, здруженија кога имаат намера да постават дополнителна урбана опрема или организираат комунални акции да се координираат со ЈП “Комуналец“.






