Мико Голубовиќ оваа сезона ќе биде во двојна улога, како кошаркар и дел од стручниот штаб задолжен за физичката подготовка.
Денес, први во првата лига, ги стартуваа подготовките кошаркарите на Пелистер, во спортската сала “Боро Чурлевски“, каде тренерот, Зоран Тодоровиќ, ја одржа прозивката и на кошаркарите им го соопшти планот за подготовки и новитетите кои ќе ги има во тимот.
Пред Тодоровиќ на кошаркарите им се обрати спортскиот директор на Пелистер, Јовче Христовски кој најпрво им посака добро здравје и успешна сезона и секој да ја искористи огромната шанса која му се дава и додаде:
-Сакам сите да бидеме еден тим, кој на крајот од сезоната ќе можеме да си кажеме дека сме успеале. Клубот да биде подобар, вие подобри кошаркари, повеќе промовирани, со поголема цена на пазарот, битолчани да се вратат во салата во број кој сите го посакуваме. Тоа да биде чекор по чекор, ден по ден до крајната цел, со голема дисциплина, упорност и верба дека ќе успееме.
-Ви посакувам добредојде на сите кошаркати во тимот и успешна сезона, без повреди и во добро здравје. Главниот состанок ќе го имаме кога ќе се комплетираме сите, кога ќе ги кажеме целите, идеите. Битно е што тргнуваме порано, иако гледате поради работите во салата на стартот имаме проблеми. Подготвителниот период нема да биде лесен и затоа сакам само да се чувате, и сите имате шанса да се докажете и треба да се покажете, рече на првиот состанок Христовски.
Тренерот Зоран Тодоровиќ на кошаркарите им посака она што е најпотребно за сите здравје и сезона без повреди.
-Првиот тренин го имав планирано в сала но поради да се запознаеме подобро, но се одложуваме за еден ден, за утре. Повеќето ве познавам, ве имам тренирано дел од вас, но сепак ни треба тој период на сите. Дали она што следува во првиот период, ќе биде лесно или тешто ќе зависи најповеќе од вас. Но, сакам да ви нагласам дека мора да се држиме до принципите кои ќе ги поставиме, а за засилувањата и играта рече:
-Сега сме тука на стартот без засилувања, а некаде од 1 сепрември ќе биде со нови тројца странци, плус можно е уште еден македонец и тогаш започнуваме со воигрувањето. А, засилување како кондиционен тренер ќе биде Мико Голубовиќ. Минатата година дојдов на брзина, а сега би сакал се да поставиме на здрави нозе и да ги немаме ланските проблеми. Што се однесува пак до тактиката сега е рано да се зборува, но мораме да играме побрзо и помодерно, а нивото на играта да биде на највисоко ниво, со максимален учинок, а не да го мериме времето кој колку минути играл. Ние траба да бидеме во игра 10 месеци, ќе биде тешко, тоа е долг период, но потребната позитивна атмосфера не треба да ја држиме вештачки, а само така ќе направиме резултат. Сакем да играме добра кошарка и да ја вратиме публиката, барем на 1.000 редовни гледачи на стартот.
Новиот кондиционен тренер, Мико Голубовиќ, поради работите во салата, го закажа за утре во 8,30 часот во “теретана“, кога и стартуваат подготовките.
С.Ристевски






