Press "Enter" to skip to content

Прес на Еурофарм Работник пред стартот на СЕХА лигата в среда во 20,45 часот (фото)

Наше е да го дадеме максимумот на овој меч и да ја стартуваме лигата со победа, рече тренерот на Еурофарм Работник, а капитенот Гоце Ојлевски вели дека ракометарите имаат позитивна трема и со нетрпение го очекуваат првиот натпревар.

Пред стартот на деветтата СЕХА лигата во среда, денес во новиот прес-центар во спортската сала “Боро Чурлевски“ се одржа првата прес конференција на која зборуваа тренерот Стевче Алушевски и капитенот Гоце Ојлевски. Првиот меч го играат против Спартак Москва, а на денешниот прес, тренерот Алушовски, ги истакна неговите очекувања и рече:

-Нашите очекувања во овој дел од сезоната е да бидеме зад фаворитите Мешков Брест, ППД Загреб и Веспрем, а тоа значи четврто место. Така би добиле поповолен противник во елиминационата фаза и шанса за голем успех.За првиот натпревар од СЕХА лигата, каде за противник ја имаат екипата на Спартак Москва, додава дека ги очекува тежок натпревар, против квалитетна екипа.

-Имавме одлични и напорни подготовки, а исто така одигравме многу квалитетни пријателски натпревари. Да бидам искрен, среќен сум што по 14 години Битола повторно ќе гледа елитен ракомет и натпревари од Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Нашиот прв противник е доста квалитетен, во своите редови има неколку руски репрезентативци и затоа очекувам еден тежок и цврст натпревар. Наше е да го дадеме максимумот на овој меч и да ја стартуваме лигата со победа, рече битолскиот стратег. 

Капитенот на Еурофарм Работник, Гоце Ојлевски, рече дека има одлична атмосфета во тимот, а со позитивна трема го очекуваат дебито пред битолската публика.-Имавме долги и тешки припреми, но сега дојде време за официјални натпревари. За нас како клуб, но и за битолчани, мислам дека заслужуваме да бидеме дел од европската и регионалната елита. Битола е ракометен град и ја сака оваа игра. За дуелот со Спартак мислам дека добро се подготвивме и сите веруваме во успех, вели капитенот Ојлевски.

За здравствениот билтен во екипата тренерот Алушевски рече:

-Имаме неколку ракометари кои се жалат на ситни повреди и не знаеме дали ќе ги имаме подготвени за овој дуел. Пред се мислам на репрезентативците Кукоски и Митревски, но и како играч и сега како тренер секогаш сум сметал дека и без секого се може. Сезоната е долга, и ни следат многу тешки натпревари. Штета што не успеавме да го доведеме и Танкоски, а дополнителен проблем е повредата на Ратајац.Двајцата Алушевски и Ојлевски не ја пропуштија приликата да ги поканат сите битолчани и сите вљубеници на ракометот на својот деби-настап во СЕХА лигата и да им ја дадат поддршката и заедно да слават многу победи.

Битолскиот клуб СЕХА дебито против Спартак Москва го игра в среда од 20:45 часот.