Press "Enter" to skip to content

Димче Ристевски, помошник тренер на Пелистер: по победата во Охрид, ќе “бркаме“ трета по ред победа

Фудбалерите на Пелистер во последното коло ја забележаа втората победа во серија и се зацврстија на врвот на табелата со 9 бодови. Според публиката која беше на стадионот “Билјанини извори“ целиот натпревар бил вистинско фудбалско уживање.

-Без разлика на резултатот се што се случуваше на стадионот “Билјанини извори, кога игравме против домаќинот Охрид беше како да се игра прволигашки фудбал, иако игравме редовно коло од Втората лига. Се беше на едно ниво кое би го посакал секој фудбалер, тренер, управа, публика. Кога на целиот фудбалски амбиент, ќе се додаде и присуството на публиката, односно нашата навивачка група “Чкембари“ кои дојдоа во голем број да не бодрат, се направи вистинска спортска, фудбалска атмосфера. А, на сето тоа како шлаг на тортата беше убедливата победа, вели помошникот тренер на Пелистер, Димче Ристевски.Но, Ристевски додава дека атмосферата е едно, а професионалноста е друго.

-Атмосферата, головите, радоста помина, а веќе тренерот Дарко Крстевски и ние како негови помошници се подготвуваме за наредниот предизвик, екипата на Гостивар, која ја пречекуваме во сабота под Тумбекафе. Мора да докажеме дека сме професионална екипа и дека на секој натпревар така се однесуваме. Фудбалерите, и ние, треба да докажеме дека двете победи се плод на добра работа и тоа со трета победа во серија, да го докажеме тоа и сабота и да ја потврдиме кандидатурата за пласман во Првата лига.