Press "Enter" to skip to content

Правилото, каде во Битола, во вторник и петок ако не на пазар, може да се каже дека важи и денес (фотогалерија)

Не така одамна, градовите  беа препознатливи по тоа кога кај нив е пазарен ден, па и Битола по тоа дека вторник и петок се пазарни денови.

Порано, кога не постоеле големите маркети, каде сега во секое време можат да се набават земјоделски производи, единствен можен начин на нивна набавка бил на пазарот во Битола.Тука во вторник и петок, селаните ги носеле нивните производи, а од градот се купувало она што не произведувале, односно како тогаш велеле, градски работи.Но, со текот на времето селата се иселувале, а се помалку селани останале низ селата низ Битолско, Мариовски, низ поле, низ Околија… Тие пак, се помалку произведувале земјоделски производи за на пазар, а во селата можеле да се купат и основните градски работи.

Но, иако се е изменето, сепак традицијата да оди на пазар во вторник и петок во Битола останала, иако сите производи кои можат да се купат на пазарот во вторник и петок ги има и во другите денови на пазарот.-Ете ме прашавте зошто токму денес сум на пазар по прилично ладно време, иако ова можам да го купам во гранапот во малата, не можам да дадам одговор. Сигурно некоја навика останала кај мене и еве како пезнионер идам секој пазарен ден тука на градскиот пазар и купувам она што ми треба. Можеби утре ќе биде потопло, но ете денес сум тука. Децата не го прават ова, туку еден од нив пазари тука во недела за ручек. Јас немам во тоа време дојдено на пазар, но тој вели дека има свежи производи и во недела после ручек. Ова морам да го проверам кога ќе затопли. Но, без разлика дали има или нема секој ден, јас ќе си терам по старо, во вторник и петок, ни вели чичко Ацо.

И продавачите на пазарот во Битола, го велат истото. Тие кажуваат дека земјоделски производи има постојано, а секојдневно се носат производи на пазарот. Но и тие потврдуваат дека најголема побарувачка има во пазарен ден и дека битолчани традиционално се на пазар во вторник и петок, па се трудат на тезгите за тие пазарни денови да имаат најголема понуда.

-Каков и да е прометот, мал и голем во разлика за кој месец зборуваме, сепак најмногу пазар има во вторник и петок. Покрај битолчани кои пазарат во пазарен ден, сега има и голем број на жители од околните села кои пазарат тука, кои во овој период, кога ние продаваме оранжериски производи, од топли леи, тие немаат свое производство. Во пазарен ден има и повеќе жители од Лерин и Леринско, кои од тука купуваат, но сега во помали количини, велат тезгаџиите.За жал се помалку има селани кои продаваат на пазарот, туку во најголем дел се прекупци, а на пазарот од пред некое, не така минато време има покрај земјоделски производи и теписи, цвеќиња, текстил, масло, вегета, батерии, пластики…  На таа зебелешка еден повозрасен битолчанец кој го слушаше разговорот со прекупецот и одбираше домати, ни дофрли:

-Мене најмногу ми недостасуваат оние кои на есен, септември и октомври, викаа, љукум – салицил, кога ќе поминуваа низ пазарот. Во тие месеци пазарот беше преполн со пиперки и домати, пазарот тежеше од производи, битолчани креваа со вреќи, а се подготвуваше зимницата која пред некои време се правеше многу повеќе од сега.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »