Денес во просторите на Ректоратот на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ се одржа прес конференција на која раководството на Универзитетот, пред новинарите и јавноста ги претстави приоритетите во работењето во сите домени на универзитетското делување.
На средбата со новинарите, покрај ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, проректорите на УКЛО: проф. д-р Гордана Трајкоска, проф. д-р Љупче Кочоски, проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Марјан Ѓуровски во кратки црти ги претставија развојните визии за ресорите од нивна надлежност.
Тие се заложија за поквалитетна настава, унапредување на научно истражувачката дејност, обезбедување квалитет, непречено финансиско работење и развој на УКЛО и остварување повисоки стандарди во севкупното функционирање на Универзитетот. Презентирани се и поодделните напори кои УКЛО ќе ги реализира за поголема видливост и место во европскиот простор на високото образование и науката.
Посебно е нагласена стратешката свртеност кон студентите, остварувањето академската мобилност низ програмите на ЕУ и САД, нивно следење не само во студирањето туку и понатамошниот академски развој и професионално профилирање.
Покрај ова, високо на листата на приоритетите на УКЛО се интернационализацијата што ќе овозможи поголема препознатливост на УКЛО на меѓународен план. Инвестирањето во научно – истражувачката работа, лабораториите и иновативноста се планира да бидат не само извор на знаење туку и интегрален дел од наставниот процес. Со вложувањето во човечките и просторни ресурси, обезбедување финансиска стабилност ќе се овозможи заштита на инетересите на единиците и интересите на Универзитетот во целина.
Меѓу носителите на промените се и активностите за обезбедување трансфер на знаења и технологии што се оценува дека се носечки предуслови за подобра позиција на ранг листите кадешто УКЛО и реално припаѓа. Обезбедување подобра позиционираност при рангирањето, УКЛО ќе го остварува со поголема свесност за сопствениот идентитет.
Раковоството на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола ја истакна важноста од средбите со новинарите и во духот на транспарентно и отчетно работење ги потврди напорите за редовно информирање на пошироката јавност.
Инаку, претставените приоритети за работа на новото раководство на УКЛО се во функција на поддршка и реализација на програмските активности во вториот мандатен период на ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.
Е. Атанасоска






