Press "Enter" to skip to content

Сезонскиот грип ги преполни амбулантите и аптеките, а ги испразни училниците

Променливото време карактеристично за овој месец и период од годината предизвика да се зголеми бројот на заболени од грип и настинки. Во Домот за здравје на детскиот оддел имаше гужва и чекање ред до доцните часови на втората смена.

Многу мајки со деца од најмала возраст од неколку месеци, па до училишна возраст.  Таму ја сретнавме д-р Билјана Мишиќ која ни кажа дека сезонскиот грип опфатил многу деца особено од училишните каде и се шири заразата.

Таа ни објасни дека станува збор за грип кој го карактеризираат многу високи температури до 39.8, болки во грлото, кашлање и јаки болки во телото. Ни нагласи дека сите овие симтоми траат и до неколку дена и опоравувањето трае подолго.

Исто така за лекувањето таа истакна дека потребни се само лекови за спуштање на покачената температура, многу топли чаеви и течности. Антибиотска терапија кај многу случаеви не е потребна.

Заради зголемениот број на заболени од грип од сите возрасти и аптеките беа преполни со оние кои купуваат најразлични лекови било медикаменти или на природна база.

Вработена во една од нашите аптеки ни се пожали дека и компјутерот “откажал“ и во еден момент “сакав се да оставам и муштерии и компјутер бидејќи од голема гужва не се издржуваше веќе“, вели таа.

Иста е состојбата и кај матичните лекари, кои велат дека осетно е зголемен бројот на пациенти со грип, а ги има од сите возрасти, но и дека голем број на пациенти не доаѓаат кај матичните туку сами се лекуваат, па затоа никој не може точно да го знае бројот на грипосани.

После оваа изјава се прашуваме како во еден период пред многу години во градот опстојуваа само 4 државни аптеки кои работеа до 8 часот ја задоволуваа потребата од лекови.

Сигурно дека домашното лекување без многу лекови и само со течности беше карактеристика за тоа време. Не можевме да најдеме и друго објаснување освен дека и вирусите и бактериите не беа исти или мутирани како што се денес.  

Со ваквата ситуација училиштата останаа полупразни бидејќи отсуствуваат и по пола ученици од клас. А, сигурно е зголемен и бројот на отсуствувања од работа на родителите, заради подолгото лекување на овој грип.

Да се надеваме дека промена на временските услови ќе се намали бројот на заболени.

Жанета Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »